Македонски дипломатски синдикат: Монтирани дисциплински постапки во МНР – ММС
ММС

Објавено на: 06/8/20 11:05 AM

Македонски дипломатски синдикат: Монтирани дисциплински постапки во МНР

Во МНР продолжува неславната серија на монтирани дисциплински постапки против дел од раководството и членството на Македонскиот дипломатски синдикат. Постапките покренати со застарени и фалсификувани рокови кои нема да можат да го положат тестот на правосудните органи и постапките започнати по предлог на неовластени предлагачи продолжуваат, а на министерот и на неговиот кабинет око не им трепнува што овие предмети ќе паднат на Суд и што неправно обвинетите дипломати, по кој знае кој пат, ќе добијат финансиска отштета од Министерството. Да плаќаат од својот џеб за последиците од ваквите изнасилени постапки, Синдикатот би можел некако и да разбере. Но, упорно да се водат постапки за кои однапред знаат дека се изгубени, свесни дека директно ќе му нанесат финансиска штета на буџетот на МНР, тоа е веќе сериозен проблем и деформација.

Она што е најжално во целата работа е што министерот за надворешни работи упорно ја продлабочува поделбата на вработените на “негови” и “останати”. Притоа, тој злоупотребува дел од високите дипломати да ја играат валканата игра за него и неовластено да покренуваат дисциплински постапки за него, додека тој елегантно се крие зад својата позиција. Злоупотребени во зулумите против сопствените колеги – кој со закани и заплашувања, кој со корупција и ветување повисоки, па и амбасадорски позиции – тие не се ни свесни дека трајно се откорнуваат себе си од ткивото на македонската дипломатија.

Но времињата се менуваат. Евтините оправдувања во стилот “така ми кажаа” веќе не поминуваат во МНР. Македонскиот дипломатски синдикат со задоволство забележува дека дипломатите кренаа глава и се одважија да се спротивстават на филозофијата “наведната глава, сабја не сече”. Наши членови веќе покренуваат судски постапки против своите колеги/извршители што ја злоупотребиле својата службена положба. Тие ќе треба на Суд да ги објаснат монтираните постапки, фалсификуваните и прикриени факти и неовластени предлози за пресметка со колегите. Македонскиот дипломатски синдикат предупредува дека казните за ваквите злоупотреби се мошне сериозни, а одбраната “така ми кажаа” дефинитивно нема да помине, ниту пак елегантно сокриениот министер ќе им помогне.

Македонски дипломатски синдикат