Пандемијата нè натера да сфатиме дека семејството е најважно, искрено со Артим Шаќири за животот, семејството и спортот – ММС
ММС

Објавено на: 06/8/20 11:33 AM

Пандемијата нè натера да сфатиме дека семејството е најважно, искрено со Артим Шаќири за животот, семејството и спортот

„Џелатот“ на познатиот англиски голман Дејвид Симан, а не е Роналдињо. Македонската „десетка“ која го прослави името на земјата со неверојатниот гол што и ден денес се врти по фудбалските шпици и има заземено место во меморијата на секој љубител на фудбалот и „десетката“ која беше дел од еден фудбалски репрезентативен колектив што знаеше да „покаже заби“ на велесилите како Англија и Холандија. Токму за овие работи разговаравме со легендарниот Артим Шаќири, кој за mms.mk, откри како го поминува времето на пандемијата, како се штити себеси и семејството, но и се подразбира, најмногу за спортот, за коешто муабетите немаат крај и секогаш има едно прашање плус.

Прашањето кое е неизбежно деновиве, како Артим Шаќири го поминува овој поприлично тежок карантински и пост-карантински период? Дали „среќа во несреќа“ е тоа што во изминатите месеци можевме повеќе да се посветиме на себеси, најблиските и да извлечеме некои поуки за понатаму?

-Оваа пандемија во целиот свет донесе штета во многу аспекти, како во економскиот, така и во социјалниот, но од друга страна ни помогна да рефлектираме и да имаме друг пристап за работите или нештата кои се навистина важни во животот. Јас, верувам како и сите други во овој период, времето го поминувам со семејството. Многу ни е забавно, па дури откривме и таленти кои што не знаевме дека ги имаме(хахахахаха). Оваа пандемија на некој начин нè освести колку малку време поминуваме со нашето семејство и со нашите најблиски, а да не сме ни свесни за тоа, па дури да мислиме дека тоа е нормално.

Како се сеќавате на деновите поминати во Вардар? Се чини дека тогаш Првата македонска фудбалска лига беше далеку поквалитетна од сега, поизедначена и многу покомпетитивна. Вардар, Силекс, Слога Југомагнат, Пелистер, борба за титула до последно коло во лигата и во купот, стадионите солидно исполнети, а желбата за македонски фудбал навистина охрабрувачка. Што е сменето оттогаш до денес?

-Во Вардар поминав четири незаборавни години со многу убави спомени. Не би сакал многу да коментирам но точно е дека тогашна Прва Лига беше појака, квалитетна и поинтересна, стадионите беа полни со публика. Фудбалот е сменет во цел свет не само во Македонија, но кај нас се гледа доста промената, како се менува времето така и фудбалот.

Во 2003 година направивте трансфер во Вест Бромвич Албион и ја „разбранувавте“ македонската фудбалска јавност, како еден од единствените македонски фудбалери што ќе заиграат во најдобрата клупска фудбалска лига во светот. Како изгледа транзицијата од терените во Софија до англиската трева на „Хоторнс“?

-Англија е лулка на фудбалот. Да заиграш во терените на најдобрата лига во светот е остварување на сонот на секој фудбалер. Верувам дека да бидеш дел од таа лига може да се смета како врв на кариерата. Во 2003 година и мене ми се оствари тој сон што секој фудбалер го има,  за да заигра во најјаката лига во светот – а тоа е Премиер Лигата.

По што се разликува Премиер Лигата од останатите лиги во Европа и светот? Кој е тој ситен детаљ што ја прави јасната квалитативна дистинкција од Сериа А, Примера или Бундес?

-Секоја лига има свои квалитети, но Премиер Лига е број еден. Разликата е стилот на играта, брза игра, нема разлика во клубовите од прво место до последно, не се знае кој ќе игра Лига шампиони или кој ке испадне од лига, до крај е неизвесно. Сега гледаме дека шест екипи се борат за Лига шампиони, а во Шпанија, Германија, Италија се по три клуба кои се борат за титула.

Периодот во ВБА ви донесе соработка со двајца тренери, двајцата посебни на свој начин, со свои методи на работа. Со кого највеќе сакавте да соработувате, или од кого највеќе научивте? Гери Мегсон или легендарниот Брајан Робсон?

-Првата година игравме во Чемпионшип и тренер беше Гери Мегсон со кој се вративме во Премиер лига, после неколку слаби натпревари следеше промена на тренерска позиција и дојде легендарниот Брајан Робсон. Секој тренер си има свој стил на игра, како професионален фудбалер мораме да почитуваме работата на секој тренер и така беше до крај и успеавме да останеме во Премиер Лига. Секако дека беше задоволство да ја имам таа можност да научам и од двајцата тренери.

Каков беше вашиот период на прилагодување во Англија? Играчки и оној надвор од терените. Дали можеби стилот на игра кој го практикуваше ВБА тие години не ви одговараше целосно со вашите квалитети и карактеристики? Ригидноста во играта, базирана врз долги топки, многу борба и уште помалку техника, не кореспондираа со она што го поседуваше Шаќири, а тоа е токму спротивното?

-Периодот за прилагодување, како и секаде првите денови е тешко додека се запознаеш со колегите после е лесно така да не беше многу тешко. Надвор од терените ми требаше малку време за да се навикнам на начинот на живот. Чемпионшип е многу цврста и здрава лига, брза игра, долги топки, но клубот си имаше цел да се врати во Премиер Лига.

Знаеме сите кој ви е oмилениот натпревар во дресот на македонската репрезентација. Следствено на ова, како се чувствувате во врска со тоа што заедно со бразилската фудбалска легенда Роналдињо, се вбројувате во „елитната двојка“ што предвреме го пензионираше чуварот на „Гордиот Албион“, Дејвид Симан? Голот од корнер на „Сент Мерис“ и голот од слободен удар на Светското првенство во 2002, спаѓаат во онаа категорија посебни голови, со своја приказна позади себе и етикета „класици“.

-Во фудбал нема омилен натпревар, но самиот противник дава големо значење на утакмицата, секако дека тој натпревар ми е еден од посебните и на кој и јас се сеќавам со посебно чувство. Такви голови од корнер се ретки на фудбалски натпревари, затоа тие се сеќаваат и остануваат во паметење.

Артим Шаќири како играч и Артим Шаќири како тренер. Сличности, разлики? Дали искуствата во Шкендија и Кукеши ви ја сменија перцепцијата за фудбалот и дали планирате да се вратите во тренерските води?

-Артим Шаќири како играч и како тренер сличноста е една, како играч играв за победа, како тренер играм за победа. Разликата е што како играч ги спроведував задачите од тренерот, играв за победа, како тренер треба да подготвам програма за цела екипа, како да се дојде до победа. Како тренер имам работено во четири различни клубови и земји. Шкендија (Македонија), Кукеси (Албанија), Пемброке (Малта), Фламуртари (Косово). И секој клуб си има своја визија за работа во фудбалот но едно е исто, сите играат за победа.Што се однесува на тоа дали ќе се вратам во тренерските води, да, секако дека планирам да се вратам во фудбалот после пандемијата, но каде точно ќе биде тоа ќе ви кажам кога тоа ќе биде официјално.

Се стекнува впечаток дека фудбалската репрезентација на Македонија почна да „плови по мирни води“, откако се случи неочекуваниот исчекор на младата фудбалска репрезентација на чело со Боби Милевски и сега, откако сениорите се наоѓаат пред прагот на Европското првенство во фудбал. Какви се вашите видувања и прогнози и дали имате некоја долгорочна проекција за тоа како ќе се движи фудбалот кај нас во следните десет години?

-Во оваа ситуација што сме сега со коронавирус не верувам дека некој ќе мисли на фудбали, можам само да кажам дека може да се постигне тоа што се работело од 1993 година. Не знам како ќе биде фудбалот во наредните 10 години но се надевам веќе да се почне со инвестирање во инфраструктура, инвестирање во млади категории.

 

Може ли некој од помладите генерации да го наследи Артим Шаќири? Кои од актуелниве наши фудбалери „ви фака око“?

-Во Македонија има многу таленти кои може да станат добри фудбалери и да ме наследи, но мора да се работи зашто талентите без работа остануваат само таленти.

Дали вашата ќерка покажува одреден афинитет кон спортот и фудбалот и дали изразува желба да тргне по стапките на славниот татко?

-Не би рекол. Мојата ќерка како мала тренираше карате и кошарка, но тоа беше хоби. Сега е посветена на училиштето и актерството. Спортот во нејзиниот живот е присутен како здрав начин на живеење, но не и професија.

Како легенда на македонскиот фудбал и човек чиј збор неретко е посебно вреднуван, која е вашата порака или апел до граѓаните, со оглед на зголемениот број на заразени и починати од Ковид-19 во земјава?

-Со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме би им порачал на граѓаните да ги почитуваат мерките на надлежните здравствени институции во земјата, да внимаваат на себе и нивните најблиски. Се надевам брзо да ја надминеме оваа ситуација.

 

Давор Јосифоски