(Вознемирувачки фотографии) ЈП „Исар“ од Штип собира лешеви од животни по дојава на граѓани, тврдат од Здружението „Живот“ – ММС
ММС

Објавено на: 06/7/20 3:36 PM

(Вознемирувачки фотографии) ЈП „Исар“ од Штип собира лешеви од животни по дојава на граѓани, тврдат од Здружението „Живот“

Стравична е сликата во Штип, откако беше прогласен осумдесетчасовиот карантин во градот – реагираат активистите за прва на животните. Тие објавија фотографии од заловување на бездомни кучиња од страна на Ветеринарната станица Штип, истовремено со фотографиите од мртви кучиња на кои животот им згаснал викендов.

Македонскиот медиа сервис разговараше со членовите на Здружението за заштита на животните „Живот“ – Штип, од кои граѓаните бараат информации, бидејќи не знаат дали нивните маалски миленици се воопшто живи.

-Мислиме дека е преголема случајност во исто време Ветеринарната станица да заловува кучиња за време на полициски час и во исто време ЈП Исар да собира лешеви по дојава од граѓани. Да, точно е дека дел од заловените кучиња се во стационарот (видовме од сликите кои Крсто Митев преку личности кои немаат допирна точка со стационарот и со бездомните кутриња, ги објави на социјалните мрежи) меѓутоа најмалку 4 кучиња кои истотака вчера се заловени ги нема таму. За ова секако ќе бараме извештај од Општина Штип и од Ветеринарната Станица, за тоа каде завршиле овие кучиња – ни изјавија од Здружението.

Од ова Здружение на социјалните мрежи тврдат дека Ветеринарна станица – Штип цели пет месеци не работи. Ги прашавме што значи тоа за состојбата со уличните кучиња во градот? Каква е ситуацијата на терен?

-Состојбата можеме да ја видиме сите. Методот на чистка на кучињата, кој беше применет од Ветеринарната станица пред неколку месеци, се покажа како ни малку ефективен, напротив има дури и поголем број на бездомни кучиња од тие што беа еутанизирани(убиени). Доколку Ветеринарната станица и Крсто Митев работеа по принципот Залови-Стерилизирај-Врати( на кој е и обврзан да работи) значително ќе беше намален бројот на бездомните кутриња. Вака, ние како здружение, минатите три месеци собравме над 20 мали кутриња, велат од Здружението „Живот“.

Тие испратија  апел до сограѓаните во Штип да пријават кај нив,  доколку им недостига некој од маалските миленици. И велат- граѓаните се вознемирени од глетката.

-Секако дека има реакции, стигнуваат слики од заловувањето на кутрињата, од граѓани загрижени за маалските миленици. Исто така имаме и реакции од граѓани вознемирени од глетката на кучиња кои испуштаат течност од устата поради стрелката со која се пукани при заловувањето. И во текот на денешниот ден ни се обраќаат граѓани кои не прашуваат дали имаме информација за нивните маалски кутриња, т.е. дали тие се живи, објаснуваат од Здружението.

Штип во моментот, како и ште неколку градови во државата,  го живее  осумдесетчасовниот карантин. Тие велат дека успеале да добијат дозвола за да ги хранат бездомните животни, исто како што прават уште  од  почетокот на пандемијата. Од кризниот штаб на Општина Штип добиле дозволи во период од 07:00 – 09:00, за петок, сабота и недела. Но, куќињата се заловуваат во друг период, не кога тие излегуваат да ги хранат.

Вања Мицевска

Фото: Фејсбук страна на Здружението „Живот“