Професорите Петар Атанасов, Драги Димитриевски иВуица Живковиќ, кои се кандидати за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методи“ во Скопје, реагираат, откако владата пред два дена се изјасни за Уредбата и за престанокот на сите активности во врска со процедурата за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. Во дописот до медиумите тие велат дела во текот на вчерашниот ден (6 јуни) побарале и официјално од страна на Универзитетската изборна комисија да бидат точно информирани, за да нема никакво сомневање во целиот процес.
„Согласно измената на Уредбата во членот 3 став 2 се вели: „Постапките за избор на раководни органи на високообразовните установи започнати пред денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила, се ставаат во мирување со денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила, најмалку за време на траењето на вонредната состојба.“ информираат тие.
Прашањето кое му го поставиле на Универзитетската изборна комисија е:
- Дали сите дејствија кои Вие ги преземавте се замрзнуваат и поништуваат, согласно Уредбата, со што престанува важноста и на роковникот кој го имате донесено и доставувањето на пријави е безпредметно, односно истите нема да се примаат? Според конкурсот што го распиша Ректорската управа, утре 8 јуни, е последниот ден за поднесување на бараните документи и на Програмата што треба да се достави од кандидатите. Доколку насоките на Универзитетската комисија не се јасни, ние тројцата кандидати за ректор ќе бидеме принудени да ги поднесеме нашите документи, затоа што досегашните активности на ректорот и целата атмосфера околу овој избор не ни влева доверба дека некој во „Ректоратот” сака изборот за ректор да помине во фер и витешка борба.
Универзитетската комисија треба да излезе со јасен став, за да не се случи во идниот период да настанат различни толкувања и некој процедурално да ја оневозможи нашата кандитатура, како кандидати кои не ги доставиле пријавите во утврдениот рок на Огласот. Имаме непотврдена информација дека во изминатите денови веќе има поднесено една апликација или кандидатура за ректор. Со оглед на се што се случуваше, мислиме дека оваа постапка треба да се поништи а новиот Сенат да започне сосема нова постапка, која треба да заврши до 15 септември.