Во селото Ваганеш, сместено на рид на истокот на Косово, времето како да е застанато одамна. Куќите се трошни, а дворовите и патеките се зараснати во висока трева. Освен старицата Благица и нејзината мачка, во ова село нема повеќе ниту луѓе, ниту животни. Речиси единствен, но редовен посетител е Албанецот Фадил Рама од соседното село Стрезовица.
Ниту пандемијата на коронавирусот (Ковид-19) не го спречила да продолжи да ја посетува Србинката Благица Дичиќ (92 години), која повеќе од една година живее потполно сама во целото село.
Екипата на агенцијата Анадолија (АА), заедно со Фадил тргна во посета на Благица која ја најде како се подготвува да ги измие рацете. Фадил веднаш ѝ помага, придржувајќи ѝ го лончето со вода и легенот. Тој ѝ подава крпа да ги измие рацете, па ѝ подава две кеси полни со храна.
„Ти, сине, само ми носиш, ми го полниш фрижидерот“, вели Благица.
„Ако, ако, нека има, подобро да има отколку да нема“, одговара Фадил.
Бабата Благица гледа во Фадил и го благословува.
„Само овој брат и неговата сопруга со синот доаѓаат, неговата домаќинка и тој, како да ми се мајка, татко. Тој ме чува, Бог нека го чува, Бог нека го позлати“, вели Благица.
Благица има свои деца, двајца синови и три ќерки, од кои четири од нив живеат во Србија. Нејзиниот син Слободан (Дан), со кого живеела пред повеќе од една година, поради болеста на сопругата бил принуден да се пресели во градот Каменица, каде што општината му обезбедила сместување.
„Да одам долу не можев, не сум научена, не сум за стан“, вели таа.
„Не ми е страв, не. Малку е тешко што сум сама, но не ми е тешко, научив“, раскажува Благица.
Благица истакнува дека Фадил ѝ е како брат и дека ѝ помага.
„Никогаш нема да ја заборавам неговата добрина, што ме чува, и мене и Дан. Тоа е незамисливо“, вели бабата.
Фадил Рама во разговор за АА истакнува дека знаел дека баба Благица е сама и дека нема кој да ѝ помогне, особено во ова време на пандемија на коронавирусот. Како што вели, секој втор или трет ден доаѓа да ѝ донесе храна.
Фадил објаснува дека синот на Благица, Слободан, е во лоша социјална состојба и за време на мерките воведени поради коронавирусот не можел да доаѓа да ја посетува својата мајка.
„Нејзиниот син пред коронавирусот доаѓаше на десет дена, но јас и тогаш доаѓав во меѓувреме, а откога се појави коронавирусот, доаѓам само јас“, вели Фадил и додава дека во текот на месецот Рамазан доаѓал да ја посети секој ден.
„Со оглед на тоа дека не постев, сакав да направам добро дело. Дотука има околу два километри и пеш да дојдам да ѝ донесам храна не ми е проблем. Јас не можам да јадам, ако знам дека друг човек е гладен, без оглед на верата и расата“, вели Фадил.
Освен што ѝ носи храна, Фадил на изворот секогаш полни и вода за старицата Благица и ѝ подготвува дрва за да може да запали оган.
Откако одредени медиуми ја пренесоа тешката ситуација на Благица, се јавија и хумани луѓе кои сакаа да помогнат.
„Не го познавам, но еден човек од Америка, со презиме Николиќ, испрати 200 долари и јас со тие пари купив фрижидер затоа што знаев дека ѝ е потребен, бргу се расипуваше чорбата што ѝ ја носев“, вели Фадил.
Општина Каменица е позната по добрите меѓуетнички односи на Албанците и Србите и тоа го потврдува и Фадил.
„Тие се однесуваа добро и за време на војната и порано, секогаш имавме добри односи, никогаш немаше проблеми“, заклучува Фадил.
Примерот на Фадил влева надеж дека сѐ уште има добри и хумани луѓе на кои националноста или верата не им се пречка да им помогнат на другите луѓе.