Нема веќе може да ја бакнете невестата! Забранет е најслаткиот бакнеж во матично, младоженците го кажуваат судбоносното „да“ со маски и ракавици – ММС
ММС

Објавено на: 06/7/20 9:00 AM

Нема веќе може да ја бакнете невестата! Забранет е најслаткиот бакнеж во матично, младоженците го кажуваат судбоносното „да“ со маски и ракавици

Ве прогласувам за маж и жена, сега можете да ја бакнете невестата!  Оваа круна на љубовта меѓу двајца вљубени веќе ја нема. Го нема веќе и честитањето  „со среќа, вечно вљубени да сте“, нема фрлање бонбони и пари врз младенците за благ живот и благосостојба, ги нема веќе тапаните и тарабуките пред матично и кларинетот до увото на веселата свекрва, која е на чело на орото.

Вака изгледаа веселбите порано и ако викендите нѐ асоцираа на свадби, сега ситуацијата е променета и се чини, викендите ги поврзуваме со долгиот полициски час, а сликата пред матично е тажна. Веќе четири месеци пред вратите на оваа институција нема весели сватови и музика. Пандемијата со коронавирусот го спречи нормалниот тек на активностите во сите општествени сфери, па доведе до тоа во земјава да се откажат сите термини за склучување бракови во март, април, мај и јуни. Протоколите од Комисијата за заразни болести „влегоа“ и во канцелариите на матичните подрачја, каде вљубените наместо од целото семејство се придружувани само од двајцата сведоци – раскажуваат за mms.mk од Управата за водење на матичните книги.

Сега склучувањето брак во актуелната пандемија подразбира дека за да го кажете судбоносното „да“ потребно е да носите заштитни маски и ракавици, но и да држите соодветно растојание од неколкумината присутни во салата.

„Искрено, било каков контакт во матичните канцеларии е забранет, а кога ќе излезат младите од просторијата, на нивна совест останува однесувањето за време на оваа пандемија. Во матичните канцеларии се почитуваат протоколите дадени од Владата, па така се обезбедува дистанца меѓу вработените и странките, кои се пуштаат по еден во затворените простории. Сите вработени носат маски ракавици, додека на странките им е забранет влезот доколку ги немаат заштитните средства“, истакнува портпаролката на Управата, Катерина Битровска.

За да се скрати времето и малтретирањето на младоженците и гостите последните неколку години актуелно беше граѓанското склучување на бракот да се направи на местото каде се одржува свадбата. Но, Битровска вели дека вакви барања во овој период не се прифаќаат.

„Засега барања за склучување на брак на терен, за што сум јас надлежна, не се примаат само се презакажуваат од месеците март, април, мај и јуни. Се презакажуваат за август, септември или понатаму. Со оглед на состојбата и немањето на протоколи за семејни собири, каде спаѓаат и венчавките се’ уште е неизвесно дали и ќе се одржат“, додава Битровска.

Таа вели дека и  бројот на барањата за склучување на бракови овој период е многу помал од вообичаено во други години. Податоците на Управата за водење на матичните книги покажуваат дека во февруари, март и април на ниво на државата склучени се само 1.693 бракови , што е за четириесет проценти помалку во споредба со истиот период од минатата година.

Податоците за мај се’ уште се недостапни, бидејќи подготовката на извештајот е во тек.

Вања Мицевска

Фото: Атеље Антонија Ристовска