Владината прес служба информира дека Државниот трудов инспекторат, во координација со полицијата, денеска направиле засилени контроли на подрачјето на Општина Штип каде што Главниот координативен кризен штаб забрани работа на текстилните и кожарските фабрики за време на продолжениот викенд.
– Од надзорите е утврдено дека компаниите од овие две дејности во Штип целосно ја почитувале забраната, а со засилени контроли инспекторите на трудовиот инспекторат во производствените капацитети низ државата проверуваа дали се почитуваат протоколите за заштита на работниците, се вели во соопштението.
ДЗСИ денес работеше на издавање на решенија за изолација на новите позитивни случаи и на нивните контакти.
Владата ги задолжи полицијата и инспекциските служби да продолжат со засилени контроли и да ги санкционираат сите прекршувања на мерките за спречување на ширењето коронавирусот и за заштита на здравјето на граѓаните од КОВИД-19.