МЗ со демант до ДПМНЕ: Не е точно дека се прикриваат случаи – ММС
ММС

Објавено на: 06/5/20 6:54 PM

МЗ со демант до ДПМНЕ: Не е точно дека се прикриваат случаи

Министерството за здравство најостро ги демантира, како што велат, дезинформациите изнесени на прес-конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а поврзани со наводно прикривање на 20тина случаи на заболени од ковид-19 од страна на министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче.

– 1) Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, на ден 02.06.2020 година е регистриран 1 позитивен случај на коронавирус во градот Штип.

Во прилог испраќаме линк за точно информирање на јавноста од дневната статистика за 02.06.2020 година што ја води Институтот за јавно здравје: https://www.iph.mk/sostojba-so-covid19-za-162020/.

Исто така, не е точна ни информацијата дека директорот на Клиничката болница во Штип, д-р Ален Ѓеорѓиев изјавил дека се регистирирани 14 нови случаи.

Бројката на хоспитализирани пациенти во болницата на0 2.06 е 14, а тоа е точно наведено во дневното соопштение на Министерството за здравство испратено до медиумите и објавено на следниот линк: http://zdravstvo.gov.mk/deneska-se-potvrdeni-76-novi-sluchai-na-kovid-19-vkupnata-brojka-na-dijagnosticirani-2391-ozdraveni-se-26-pacienti-pochina-1-lice-2/ ,наведуваат во соопштението.

Од таму велат дека министерот Филипче, од првиот дијагностициран случај на ковид-19 во земјава известува точно, навремено и транспарентно.

За денот кога се чекаа резултати од приватна лабораторија, а министерот имаше прес – конференција во меѓувреме, велат дека неговата изјава беше јасна дека чекаат резултати и дека нема официјални бројки.

– „Во однос на дневната статистика, се до почеток на прес-конференцијата сѐ уште не беа стигнати бројките од една приватна лабораторија. Во однос на тоа, дозволете да кажам дека би било добро сите да ги чекаме официјалните бројки и да нема шпекулации“, ја пренесуваат од министерството изјавата на Филипче и информираат дека веднаш по добивањето на резултатите било испратено соопштение со целосни бројки.