Петнаесеттина семејства сочинуваат околу 90 проценти од новите случаи на заболени од КОВИД-19, покажува кластерската анализа на новодијагностицирани пациенти.
Ова, според министерот за здравство Венко Филипче, укажува дека болеста се шири тесно во рамки на овие кластери, но има и нови спорадични случаи што е доказ дека вирусот постои и се шири.
– Несомнено е дека имаме еден втор бран којшто е резултат на непочитувањето на мерките за собири и групирање што го докажа и деталниот увид во деталните епидемиолошки прашалници. Зголемениот број на заболени може да се каже дека е очекуван поради начинот на тестирање што го применивме овие изминати денови со оглед на тоа што првите случаи од семејствата покажаа дека има одреден број на асиптоматски носители и сакавме детално да видиме колку е тоа силно изразено, рече Филипче на денешната прес-конференција.
Посочи дека денес има и највисок број на направени тестови за 24 часа и оти на овој начин многу рано се идентификуваат носителите на вирусот во кластерите.
Очекувањата се дека овој бран многу кратко ќе трае, но сепак, како што рече, остануваат максимално внимателни и претпазливи.
– Вирулетноста значително слабее. Анализата во изминатите седум дена покажа дека имаме огромен број на случаи кои што се асимптоматски и со многу лесни симптоми, близу 90 проценти, но ова воопшто не треба да значи дека вирусот не е опасен. Сведоци сме дека и сега има пациенти кои имаат тешка клиничка слика, нагласи Филипче.
Меѓу заболените има и 11 здравствени работници од ГОБ „8 Септември” и двајца здравствени работници во Клиниката за гинекологија и акушерство. Во ГОБ „8 Септмври” заболени се еден доктор, двајца болничари, седум медицински сестри и уште еден вработен во техничката служба, но работата на болницата не е компромитирана.
– Утрово на координативниот состанок со инфектологот од болницата „8 Септември” договоривме начин на тестирање на луѓето кои биле во највисок ризик со веќе потврдените случаи и препорака за самоизолација за останатите согласно епидемиолошкиот прашалник, рече Филипче додавајќи дека сите вработени на работното место со пациентите носеле заштитна опрема.
Во ГАК каде има заразени сестра и техничар траат анализата и анкетите и согласно тоа ќе биде направено тестирањето.
Смета дека одлуката за рестриктивни мерки е оправдана, а Комисијата за заразни болести во овие два дена ќе направи детална анализа по што во недела ќе одржи состанок на кој ќе бидат разгледани следните чекори.
– Вирусот е тука, се шири, а непочитувањето на мерките, ќе значи продолжување на кризата, порача Филипче.
Стастистичките податоци за изминатите 24 часа покажаа дека во земјава се евидентирани нови 180 случаи од кои 109 се во Скопје, 26 во Куманово, 15 во Штип, 12 во Тетово, осум во Гостивар, двајца во Гевгелија и по еден случај во Дебар, Струга, Велес, Битола, Охрид, Валандово, Свети Николе и Неготино. Направени се 1.272 теста. Починати се двајца пациенти, а оздравени 11 пациенти.
Вкупната бројка на дијагностицирани случаи од почетокот на епидемијата е 2.790. Оздравени се 1632, починати 149, а бројот на активни случаи изнесува 1009. Досега се направени вкупно 34.386 тестирања.