Одбележани 19 години од загинувањето на шест припадници на тетовскиот гарнизон – ММС
ММС

Објавено на: 06/5/20 1:34 PM

Одбележани 19 години од загинувањето на шест припадници на тетовскиот гарнизон

Во тетовската касарна „Кузман Јосифовски-Питу” се одбележаа 19 години од загинувањето на припадниците на Армијата и гарнизонот во Тетово во 2001 година. На 5-ти јуни 2001 Исак Руфати, Николче Китанов, Пеце Матичевски, Влатко Миленковски и Благоја Силјановски загинаа во заседа на патот Шипковица-Гајре, додека на 1 јули на Тетовското кале од минофрлачка граната загинува Блашко Толев.

-Стоиме пред споменот на вашата пожртвуваност, тажни но благодарни за покажаната храброст и хероизам кои беа пример за сите нас во критичните моменти. Вие покажавте што значи да се биде патриот и како треба со целото свое битие да се сака сопствената татковина. Вашите семејства се гордеат со вас како што сме горди и ние припадниците на Армијата што ве имавме за нашите соборци. Наша обврска е никогаш да не заборавиме на вашиот херојски подвизи со кои ги задолживте сите сегашни и идни генерации на Армијата, истакна на одбележувањето потполковник Изаир Ејупи, командант на тетовската касарна.

Пред спомен плочата на припадниците на АРМ поставена во тетовска касарна беше положено цвеќе од делегација на Команда за операции предводена од Командант генерал-мајор Павле Арсовски, делегација од команда на 1-ва пешадиска бригада, делегација на гарнизот Тетово, Сојузот на борци Тетово и Одбор на бранители.