Летав преку шофершајбна, се закачив на запци од трактор а немав ниту гребнатинка, Дејан Младенов во чест на животот направи фонтана во црквата „Св. Петка“ – ММС
ММС

Објавено на: 06/5/20 12:39 PM

Летав преку шофершајбна, се закачив на запци од трактор а немав ниту гребнатинка, Дејан Младенов во чест на животот направи фонтана во црквата „Св. Петка“

Вчера по повод денешниот ден Духовден  пуштена е во употреба  фонтаната во дворот на црквата “Света Петка” во Оризаре, скопско. Фонтаната не е туку така направена, зад себе носи приказна на човек, кој видел мака во животот и кој, на свој начин сакал да се оддолжи.  Станува збор за Дејан Младенов,  верник татко на три деца, кој имал тешка собраќајка во непосредна близина до црквата и  иако возилото било уништено тој излегол неповреден. Како благодарност за тоа што останал жив решил да направи фонтана во црквата во тревникот пред камбанаријата. Пронашол фирма која ќе го направи тоа и додека се правела фонтаната тој паралелно работел со работниците.

-Не дај Боже никому да се случи вакво нешто, но ете Господ ме чувал.  Возбуден сум, исполнет сум во мојата мисија. Пред две години, на девети јуни се случи сообраќајката. Си дадов завет дека нешто ќе направам, да се оддолжам. Тука се случи пред црквата. Ретко преживува некој во таква сообраќајка. Излетав преку шофершајбна и паднав на тракторска брана со запци.  Чудо е со толкава брзина, плус  товарено беше камиончето.  Отидов на лекар да се контролирам и немав ништо, ниту гребнатинка.   Блиску до црквата живеам, ги познавам луѓето од одборот и тие рекоа дека убаво би било фонтана. Сакав да оставам нешто од себе. Да, никој не помогна и нема потреба, не се лутам. Јас сакав да го направам тоа и го направив. Викендов мислев да направам собир, да повикам верници ама поради карантинот одложив за понатаму. Важно е да сме живи и здрави, сите и моето семејсрво и трите мои дечиња, вели Дејан.

 

Како сето ова изгледа фотографии и видео сподели Габриел Стибел фирмата „Алојз фонтани“ од Скопје.

-Дејан работеше на фонтаната, со свои раце се мачеше, ги дигаше тешките камени и додека работевме  не видодовме ниту еден друг човек од селото да дојде и да помогне, барам малку. Никој освен Дејан не дојде да подигне барем еден камен или да фрли барем една лопата што би се рекло. Вчера се појави еден лик кој бил од одборот на црквата и почна да дели памет како фонтаната требало да биде по вака  или по онака, и јас не издржав и му реков дека е срамота да се критикува нешто вакво а притоа да не се помогне нити малку,  никој од одборот на црквата ниту, пак, од селото помош. Ниту финансиска ниту физичка а за зборување и делење памет први сме, вели Габрел Стибел, од фирмата која ја правела фонтаната и додава:

„Треба да се запрашаме и во останатите цркви кој се се членови на тие црковни одбори и дали таму членуваат од чалам и да искористат нешто или сакаат навистина да помогнат за одржување и разубавување на црквите и манастирите ширум Македонија. Само ќе кажам на Дејан секоја чест, како човек кој сака да направи нешто убаво за сите, притоа не гледајќи да придобие ништо за себе туку чесно и од срце да помогне на сите“, вели тој.

Весна Миленковска