И оваа година меѓународната заедница го посвети 5-ти јуни, денот на животната средина на заштита на биолошката разновидност повикувајќи на акција против забрзаната загуба на видовите и деградацијата на природниот свет. Велиме, „Време е за природата“ бидејќи еден милион растителни и животински видови исчезнуваат, главно како резултат на човечки активности. Биолошката разновидност игра клучна улога во одржување на функционалноста на екосистемите со што се обезбедуваат конкретни добра и услуги од пресудно значење за човекот. Обезбедување здрава храна, вода, лекови и чист воздух се само некои од основните услуги, веројатно познати на секој човек, што ги добиваме од екосистемите. Самите процеси што се одвиваат во нив имаат благотворно дејство врз човекот – го штитат од поплави, ерозија, климатски промени. На крај, нешто непроценливо што му се нуди на човештвото, а не може да постои доколку нормалното функционирање на екосистемите е нарушено од какви било фактори, е можноста да уживаме и да се рекреираме во природата. Сите промени што влијаат врз биолошка разновидност, автоматски влијаат и врз функционалноста на екосистемите, а со тоа и врз човековата благосостојба.
Како се развиле нашите економски системи и какво е нивното влијание врз животната средина се прашања кои светот не може да ги избегне дури и додека се справуваме со пандемијата на коронавирус и тековната климатска криза.
И покрај тоа што нашата држата поседува значаен геодиверзитет и биодиверзитет кој е резултат на разновидноста на релјефот, климатските, еколошките, хидролошките и педолошките карактеристики уште поважно е да преземеме навремени акции за нивна заштита бидејќи во спротивно неконтролираните човекови активности ја нарушуваат природната рамнотежа и се директна причина за многу несакани појави.
Биолошката разновидност во нашата држава се карактеризира со богатството и хетерогеност на видовите и екосистемите и високок степен на реликтност и ендемизам. И покрај фактот што диверзитетот на флората и фауната во нашата држава сѐ уште не е целосно проучен, сепак, според расположливите сознанија, покажува огромно богатство – над 23.019 таксони од кои 2.095 видови алги, 2.000 видови габи, 450 вида лишаи, 3.200 васкуларни растенија и 500 видови мовови, 13.379 безрбетни животни и 555 вида рбетни животни.
И токму, по повод 5 Јуни, од страна на IUCN одобрен е грант, и во најскоро време ќе започне изработка на Студија за валоризација и Нацрт-План за управување со Споменикот на природата Охридско Езеро, како и Нацрт-План за управување со идниот Национален парк Шар Планина.Проектот ќе биде спроведен од страна Регионалната канцеларија на Меѓународната унија за заштита на природата за Источна Европа и Централна Азија (IUCN ECARO) во соработка со МЖСПП и УНЕП, а со учество на меѓународни и национални експерти.
Останува сите општествени чинители на национално и локално ниво, вклучувајќи го граѓанскиот сектор, училиштата и секој поединец да преземат акција за ревитализација и заштита на природните екосистеми, бидејќи Време е природа!