Владиката Агатангел ги повика верниците масовно да дојдат во духовните храмови – ММС
ММС

Објавено на: 06/4/20 3:14 PM

Владиката Агатангел ги повика верниците масовно да дојдат во духовните храмови

Повардарската православна епархија ги повика сите „верни чеда“ од сите населени места кои се наоѓаат во нејзиниот состав, во деновите петок и сабота, кога се одбележува верскиот празник „Задушница“ во периодот од 08-14 часот, да дојдат во дворовите и во храмовите и со себе да понесат варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели.

Во соопштението објавено на веб страницата на оваа епархија на МПЦ-ОА  со која раководи Митрополитот Агатангел пишува:

-Ве покануваме помасовно и достоинствено да им оддадеме чест и спомен на сите упокоени наши браќа и сестри во Христа“.

Овој повик е сосема спротивен на соопштението на Владата која со превентивна цел забрани посети на гробиштата и прогласи делумен полициски час во останатите градови и целосен во Скопје, Куманово, Тетово и Штип за време на продолжениот викенд.

Одговарајќи на новинарско прашање за коментар на повикот на Повардарска епархија, градоначалникот на Велес Аце Коцевски рече дека правењето на компромиси на централните власти со МПЦ и ИВЗ ја доведе државата до вака големи бројки со заразени граѓани од кронавирусот. Тој директно упати апел до свештенството и до полицијата.

-, Затоа мојот апел е тоа што е објавено од страна на Повардарската епархија да го повлечат, да ги почитуваат наредбите што ги носат надлежните државни органи затоа што црквите, верските заедници, џамиите, оџите, поповите, владиките не можат да бидат над законите. Ако тоа не го прават ги повикувам надлежните државни органи, пред се МВР, да ги применат сите законски мерки и да го спречат масовното собирање. И се разбира да покренат соодветни санкции против тие што повикуваат и непочитуваат закони и уредби, додаде Коцевски.

Тој нагласи дека уредбата на Владата за претстојниот празник Задушница е јасна и е во интерес на здравјето на сите граѓани.