Со законски измени до поголеми услови за влез на бизнис ангелите во Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 06/7/18 12:55 PM

Со законски измени до поголеми услови за влез на бизнис ангелите во Македонија

Да се изработи законска регулатива што ќе го олесни влегувањето на ангел инвеститорите на   македонскиот пазар – бараат бизнисмените. Тие велат дека оваа поддршка е неопходна за малите и средните претпријатија кои тешко добиваат кредити од банките додека се во нивниот почетен развој.

bty

Во Македонија недостигаат таканаречените ангел инвеститори, кои нудат комерцијална форма за поддршка на малите и средни претпријатија, но и на стартап бизнисите. Ангел инвеститорите на бизнисите кои се во почетен развој им нудат капитал и експертиза, а за возврат добиваат удел во бизнис. Бизнис заедницата денеска побара да се изработи законска регулатива која ќе овозможи влез на ваквите инвеститори на макеоднскиот пазар.

Претседателката на сојузот на стопански комори, Даниела Арсовска вели дека интерес постои, но правната неизвесност ги одвраќа од вложување.

„Она што ние во стопанството го чувствуваме е една летаргична состојба по основ на инвестициите. Не се работи само за тоа дека компаниите немаат средства да ги инвестираат, туку дека и оние малку средства што ги имаат, не се подготвени да ги вложат, особено кога се работи за добра идеја која бара повеќе средства. И комерицијалните банки во Македонија не нудат финансиски средства за проекти без покритие. Затоа сметаме дека овој начин на финансирање е влез на големи средства по основ на капитал во нашиите национални компании со цел нивно брзо растење и овозможување да го реализираат она што не се во можност да го спроведат со средствата со кои располагаат “, истакна Арсовска на  денешниот форум „Потенцијал на регулатива за ангел инвеститори“.

Универзитетскиот професор, Леонид Наков посочи дека постојат различни модели на функционирање на ангел инвеститорите ширум светот.

Министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима, Зоран Шапуриќ  рече дека се потребни јавни расправи за да види како би можела да се измени законската регулатива во земјава.

На денешниот форум, бизнис заедницата информираше дека е формирана работна групи која работи на законските измени, кои како што велат оттаму, ги следат глобалните трендови.