Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски денеска имаше средба со Кристина Ампева од здружението за работнички права „Гласен Текстилец”, на која е разговарано за преземените мерки од страна на Општинскиот штаб за заштита и спасување, како и за спречување за ширење на коронавирусот низ конфекциите.
-Институциите, заедно со здруженијата на граѓани и бизнис секторот мораат во овој момент да имаат тесна соработка со цел ставање под контрола на овој нов бран на Ковид-19.
Од денеска започна проширено тестирање на над 500 вработени од текстилните компании и запирање на работниот процес со цел заштита на граѓаните, се вели во соопштението од кабинетот на градоначалникот на Општина Штип.
Во него се потенцира дека тестирањето ќе трае и во тек на наредните неколку дена. Сите текстилни работнички кои се тестирани задолжително треба да останат дома во наредните денови. Со заеднички сили и со почитување на мерките за заштита ќе успееме да се справиме.