Тиквешки угостители: Ако не ни се дозволи да работиме целосно, ќе има затворање на објектите и испуштања од работа – ММС
ММС

Објавено на: 06/2/20 12:59 PM

Тиквешки угостители: Ако не ни се дозволи да работиме целосно, ќе има затворање на објектите и испуштања од работа

Полупразни или целосно празни се угостителските објекти во Кавадарци. Угостителите алармираат дека ограниченото работење може да стави клуч на врата на нивните објекти,  но и да се испуштат голем број вработени. Од здружението на угостители во кое се обединети угостителите од Кавадарци, Росоман и Неготино бараат продолжување на работното време, бидејќи во овој регион нема активни случаи на заболени од ковид 19, но и поддршка од државата.

„После пет дена работење собиравме резултати од работењето. Ситуацијата е алармантна. Луѓето се исплашени да ги посетуваат рестораните. Дали се створи некоја апатија или страв поради носење маски. Ние во нашиот регион ги почитуваме правилата. Можат тоа да го потврдат и инспекциските служби од регионот. Нема изречено ниту една казна. Ние како регион со нула заболени од Ковид,  бараме да не`не ставаат во ист кош со градовите каде масовно се шири заразата.“ вели ДаноБелевски претседател на здружението на угостители во Тиквешијата.

Тој информира дека барањата се доставени до општинскиот кризен штаб, а од таму ќе ги проследат до надлежните институции.

„ Бараме да ни го вратат работното време. Луѓето во летно време излегуваат покасно,  околу 20, 21 часот, а ние во тој период затвораме. Групирањето на маса, по двајца луѓе е многу голем проблем. Многу ретко се случува двајца да дојдат во ресторан. Најчесто се повеќемина.Исто така бараме да ни дозволат да работи и внатрешниот дел, бидејќи тоа е случај во маркетите банките.И напоменуваме на владата,  дека секојдневно акумулираме трошоци. Нашиот приход сега е 20 % споредено со истиот период лани. Ако успееме да го кренеме прометот до 70%,  ние нема да бараме ништо. Но ако остане вака,  ќе бараме од владата поддршка за да исплаќаме плати“ додава Белевски.

Угостителите алармираат дека ако нивните барања не се прифатат,  ќе следи период кој никој не го посакува, а тоа е  отпуштање на работници и ставање клуч на вратите од објектите.

Претседателот на здружението на тиквешките угостители апелира до граѓаните да не се плашат да ги посетат кафулињата и рестораните, бидејќи максимално се почитуваат мерките за дезинфекција, масите се раздалечени,  согласно протоколите од здравствените власти. Проблем, е вели тој, ограничувањето на бројот на гости на една маса. Посочи пример, дека дошле во неговиот ресторан двајца сопружници со адвокат. Вели, луѓето имаа деловен ручек, па остана прашањето кого да отстраниме.

За разлика од празните или полупразни угостителски објекти,  често младите ги исполнуваат улиците и парковите во големи групи без заштита. Многу често во големи групи се собираат и во домовите или викендиците на Тиквешкото Езеро.

Ангел Данов