По прекините на водата, во Дојран се почести и рестрикциите на струја – ММС
ММС

Објавено на: 06/2/20 12:51 PM

По прекините на водата, во Дојран се почести и рестрикциите на струја

Неколкукратните исклучувања на електричната енергија во населеното место Нов Дојран, кое е најбројно по жители од целата општина, ги вознемири и револтира граѓаните во изминатиот период, и пред се ги загрижи за евентуални штети на нивните апарати од домаќинството. По честите проблеми со водоснабдувањето кои речиси станаа секојдневие во целата општина, сега и честите прекини на струја придонесоа за реакции и кај посетителите од другите градови кои најчесто во своите викендици го минуваат периодот на рестрикции поврзан со новонастанатата состојба од корона вирусот.

Само минатата недела во текот на два последователни дена снемуваше струја и тоа во подолги интервали, а во петокот прекинот беше повеќечасовен, велат дојранци, но најмногу реакции стигнуваат за тоа што од ЕВН не соопштиле никаква информација ниту пак ги предупредиле граѓаните за честите исклучувања, велат жителите.

– Наназад неколку дена по ред имаше проблеми со струјата, првично ќе прекине за саат време, па ќе дојде па пак ќе снема, а тоа е многу опасно за електричните уреди и право може да ги расипе. Пострашно од тоа е што не се известува на време луѓето да бидат спремни и да знаат дека ќе дојде до тоа – вели жител од Нов Дојран.

Од ЕВН објаснуваат дека во изминатиот период голем број на електрични празнења, посебно во реонот на Општина Дојран, предизвикале нарушување на изолационата опрема на повеќе места  од дистрибутивната мрежа.

– Од тие причини се случија  неколку кратко трајни испади во еден ден, кои беа решавани преку далечинското управување со дистрибутивната мрежа  од Диспечерскиот центар на ЕВН.  По извесно време овие кратко трајни прекини преизвикаа подолготраен дефект по што екипите на Електродистрибуција се упатија на терен за да се надмине проблемот. Изолационата опрема на столбовите која беше оштетена од невремето по неколку часа беше заменета и се воспостави нормално снабдување со електрична енергија – вели
Aтанас Ковачевски од одделот за комуникации на ЕВН.

Од ЕВН сметаат дека ваквите прекини и сега и во иднина се дел од нормалното функционирање, бидејќи како што велат – надземната дистрибутивната мрежа никаде во светот не е имуна на дефектите при лоши временски услови како дожд, ветер и грмотевици.