Владата денеска ќе ја одржи 60-тата седница преку видеоконференциска врска на која на предлог на Министерството за образование и наука на дневен ред ќе биде информацијата со предлог за број на студенти за запишување во прва година – прв циклус на студии во учебната 2020/2021 година на јавните универзитети.
Информацијата се однесува на запишувањето студенти на универзитетите „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, „Св. Климент Охридски” во Битола, Джавниот универзитет во Тетово, „Гоце Делчев” во Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле” во Охрид и „Мајка Тереза” во Скопје.
На дневен ред е и Предлог-одлуката за дополнителни квоти за запишување студенти припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија во прва година – прв циклус на студии на овие високообразовни установи.
Како што најави владината прес-служба, на дневен ред на денешната седница Владата ќе го разгледа и конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршена ревизија на усогласеност на институционални капацитети на јавните обвинителства во земјава за реализација на надлежностите.
Владата ќе го разгледа и вториот шестмесечен извештај од надзорот над функционалноста на АКМИС во судовите за 2019 година.
На денешната седница ќе се разгледаат и усвојат записниците од 64-от и 65-от состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, одржани на 1 и на 2 јуни 2020 година.
МИА