Имаме сериозен напредок и како никогаш порано двете земји не биле поблиску до решение. Наредните часови можат да бидат клучни за исходот од преговорите и се надевам дека евентуално позитивниот исход ќе создаде атмосфера за продлабочување на односите меѓу Македонија и Грција, како и услови за забрзано продлабочување на евроатланската перспектива на Македонија. Ова го истакнал вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на денешната средба во Брисел со високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини.
Од Секретаријатот за европски прашања денеска соопштија дека тој на средбата информирал за остварениот прогрес во односите меѓу Република Македонија и Република Грција, изразувајќи притоа задоволство од постигнатиот напредок во затоплувањето на односите, имплементацијата на мерките за градење доверба, деескалација на политичките несогласувања, но и задоволство од напредокот во разговорите околу спорот за името.
Османи исто така, ја информирал Могерини и за новиот реформски План 18, со кој Македонија останува посветена на реформскиот процес и по добивањето на препораката и позитивниот извештај на Европската Комисија:
„Планот 3-6-9 создаде солидна основа и подготовка за имплементација на суштинските и долгорочните реформи во насока на приближување на нашето општество со европското, при што, Планот 18 претставува логично продолжение на реформската агенда на Владата за системска координација и следење на имплементацијата на овие реформи, сѐ до почетокот на преговорите“.
Во соопштението се наведува дека тој ги изразил своите очекувања дека постигнатиот напредок во имплементацијата на реформите, но и во отстранувањето на политичките пречки, ќе биде соодветно валоризиран на претстојните самити на ЕУ на крајов на месецов со што ќе се запечати европската иднината на Македонија, но и евроатлантската ориентација на сите земји од Западен Балкан.
На средбата со Могерини присуствувал и министерот за економија, Крешник Бектеши.