На претпладневниот состанок на Комисијата за заразни болести, анализирани се денешните бројки на новозаразени. Во однос на состојбата со Штип, утврдено е дека бројките се многу помали од вчера, кога беа регистрирани 27 нови случаи на ковид 19. Поради тоа, не е донесена одлука да се препорача карантин или воведување на полициски час во општините со зголемен раст на бројките на заболени од ковид, меѓу кои и Штип.
Ова за Канал 77 го потврди Владимир Милошев, државен секретар во Министерството за здравство, по утринските состаноци.
-Бројот на заболени денеска во Штип е многу помал од вчера. Ќе ја следиме состојбата. Во тек е интензивно тестирање на работниците во петте конфекции, кои привремено прекинаа со работа. До сабота тестирањата треба да завршат. Вчера имавме и состанок со сопствениците на овие конфекции, кои постапуваат по нашите препораки, изјави д-р Милошев.
Во меѓувреме во Штип пристигна дополнителната помош од техничари од Центрите за јавно здравје од околните градови, кои го спровдеуваат масовното тестирање на текстилните работници во петте конфекции. За денеска се планираат околу 200 тестови.
На терен се две екипи, кои ги земаат брисевите од домовите на лицата кои се опфатени од масовното тестирање и еден тим работи во пунктот, кој зема брисеви по упат од матичните лекари. Штипските епидемиолози спроведуваат масовно тестирање на околу 500 работници во овие конфекции.