Капали-чаршијата во Истанбул, една од најстарите, најголемите и најпосетуваните во светот, по пауза од 70 дена поради мерките воведени против коронавирусот, повторно ги отвори вратите за посетителите, јавува агенцијата Анадолија.
Меѓу туристите, познатата Капали-чаршија е незаобиколно место за секој посетител на Истанбул, без оглед од каде доаѓа. Таа беше затворена за посетителите повеќе од два месеца, а со ублажувањето на мерките во Турција, од вчера повторно ги пречекува гостите.
Претседателот на Истанбулската комора на секторот за накит (IKO), Мустафа Атајик, рече дека последната долга пауза пред тоа во работата на Чаршијата е регистрирана во 1954 година кога е зафатена со пожар, кој зафатил близу 1.400 продавници, но тогаш Капали-чаршијата паузирала со работа 28 дена.
„За првпат во својата историја, Капали-чаршијата ги затвори своите врати 70 дена, но не само Чаршијата, туку и сè околу неа“, рече Атајик.
Наведе дека животот постепено се нормализира во Капали-чаршијата и дека се води сметка за сите препораки за носење маски, држење дистанца и засилена хигиена.
Големата чаршија е една од најголемите и најстарите чаршии, сместена во европскиот дел на Истанбул.
Во Капали-чаршијата, чија изградба е започната околу 1455 година, има околу 4.000 продавници, а вкупниот број вработени во овие дуќани е околу 25.000. Се проценува дека Капали-чаршијата во текот на денот ја посетуваат околу половина милион луѓе, а во текот на годината околу 90 милиони туристи. Капали-чаршијата се смета за една од најпосетуваните туристички дестинации во светот.


