Ние не сме господари на гробиштата, велат одговорни од МПЦ, а на Задушница со маски – ММС
ММС

Објавено на: 06/1/20 1:10 PM

Ние не сме господари на гробиштата, велат одговорни од МПЦ, а на Задушница со маски

„Ние не можеме да забраниме луѓето да одат на Задушница, ние не сме законодавна власт. Можеме да им препорачаме на верниците да се воздржат од одење на гробишта и да ги почитуваат мерките.“ Во недостиг на официјален став на МПЦ, ова го велат Европскиот митрополит, отец Пимен и портпаролот на Синодот на МПЦ,  митрополит Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј.

-Затекнати сме од нечекуваниот развој на настаните, од порастот на заразени и починати. Се уште не сме се консултирале мегусебно, но размислувањата ќе бидат во таа насока,  дека ќе треба да се даде препорака на почитување на мерките, за носење маска, ракавици и дистанца. Но, не и забрана за одење на Задушница, бидејќи ние не сме извршна туку советотодавна власт. И затоа можеме да дадеме само препорака да се воздржат од одење на Задушница. Останатото останува на совест на граѓаните. Свештениците ќе бидат достапни на гробишта и тие ќе ги почитуваат препорачаните мерки на СЗО за носење на заштитна маска и ракавици и секако доколку ги поканат за да пеат тоа да го направат со препорачаната дистанца, односно да пеат од дистанца, вели отец Пимен.

Со истиот став е и портпаролот на Синодот, г. Тимотеј. И тој во свое име вели: „Ние не можеме да им забраниме на луѓето да одат на Задушница“.

-Се уште не сме се консултирале и затоа не можам да кажам дека е официјално, но индивидуално ќе речам дека треба да се запазуваат мерките колку што е можно. Освен тоа ние не би можеле да кажеме да се воздржат луѓето од одење на гробишта, бидејќи тоа не е забрането. Препорака е само да не се групираат. А на Задушница повеќето се членови на семејство, двајца, петмина, а тоа не е групирање. Но, пак ќе речам. До петок има време, овие денови ќе се консултираме и ќе излеземе со соопштение, вели тој и додава:

„ А и друга работа. Ние на гробишта не сме господари, ќе си прашате во комунални служби, ќе си се јавите во АД „Бутел“ од таму ќе ви дадат подобри објаснувања, отколку ние од црквата. Свештените лица нормално ќе си излезат на гробишта, со придржување на препораката за носење маски, друго не можеме да забраниме, ниту наредиме“, рече тој.

Весна Миленковска