Битола: Со сегашното работење и прометот само се амортизираат трошоците, велат угостителите – ММС
ММС

Објавено на: 06/1/20 10:34 AM

Битола: Со сегашното работење и прометот само се амортизираат трошоците, велат угостителите

Битола како град е позната по традицијата на пиење кафе на Широк Сокак. Токму затоа, големо беше нетрпението кај битолчани после 70 дена да седнат и да испијат кафе во некое од кафулињата. Битолчани поделени, додека некои едвај чекаа да се отворат угостителските објекти, некои сметаат дека се уште не треба да се опуштаме.

„Социјализација на никого не му пречи, видовме што значи да бидеме затворени, одделени еден од друг.

-Не, не, и онака не сум посетувал.. . -Не значи дека ако е пуштено, треба да почнеме на ист начин“, велат граѓаните.

Угостителите пак подготвени според сите протоколи ги дочекуваат гостите. Иако првите дена од отворањето не ги послужило времето со оглед на тоа што работат само отворените делови на објектите, велат дека досега се’ се одвива во најдобар ред.

„Препораките од Владата се практикуваат и ги почитуваме во целост, на сите маси дезинфекциони средства, сите маси се чистат со дезинфекциони средства откако ќе заминат, хартиени бришачи, носење заштитни маски, буквално се. Масите се сите на растојание од 1,5 до два метра. Малку сме и ние во небулоза ставени, не може келнер да бара лични карти дали биле од исто семејство, законски не е дозволено, само полицијата може да легитимира. Гледаме да се по двајца, ако седнат тројца, велат од исто семејство сме“, вели Димче Ивановски, сопственик на кафуле во Битола.

Ивановски вели дека се наоѓаат во тешка финансиска состојба, но потенцира дека се оптимисти дека пандемијата за брзо ќе помине и дека наскоро се ќе се врати во нормала.

„Сите со душа чекаме да се преброди овој период, финансиски сме скршени целосно, 70 дена точно не бевме отворени, сега со прометот кој го вадиме, само ќе се амортизираат трошоците, не знам до кога ќе биде вака, додека не почнеме со полн капацитет. Сега се чувствуваме како државата само ги оттргна од нивниот грб вработените и да ги стави на нашиот грб. Со овој начин на работа, 30% капацитет, не ги вадиме ни основните трошоци, во Битола кириите се многу скапи, неколку илјади евра изнесуваат, персоналот мора да го земиш, без разлика дали се 5 или 10 маси, преполовени сме во работењето“, вели Ивановски.

Дел од рестораните пак, продолжија со онлајн работењето и доставувањето храна, а дел од нив нудат и услуги преку интернет да се резервира маса во ресторанот.

М.Б