Уште една конфекција од Штип со позитивни на ковид 19? – ММС
ММС

Објавено на: 06/1/20 9:47 AM

Уште една конфекција од Штип со позитивни на ковид 19?

Засега нема официјална потврда на веста, дека покрај конфекцијата „Ти стајал“, која се јави како жариште на ковид 19 во Штип, во уште една конфекција има заболена работничка. Дел од новозаболените доаѓаат од групата на работници, кои се возеле во заеднички автобус. Се очекуваат официјалните информавии од Министерството за здравство. Вицепремиерот Бујар Османи веќе објави дека денешните бројки на потврдени случаи се уште позагрижувачки.

Оваа бројка е донекаде очекувана за Штип, со оглед на тоа дека изминатиот викенд интензивно се тестираа сите работници од конфекцијата „Ти стајал“, како и дел од нивните контакти, кои веќе пројавиле симптоми. Има и заболени сопрузи на работнички, а меѓу позитивните се и две деца, едно на едногодишна возраст, друго старо три години.

Засега, прогнозите се дека проблематичен е превозот во помалата општина Карбинци, од каде има голем број на вработени по текстилните фабрики. Во еден од автобусите, кои секојдневно ги возат работниците, има работници од десетина конфекции. Исто така, работниците ги возат и комбиња до подалечните села во Општината Карбинци, каде се возат работници од повеќе конфекции. Што ќе значи тоа епидемиолошки, ако еден од нив е заболен, не е тешко да се прогнозира. До денеска во Општина Карбинци има седум заболени, а 38 се со решение за изолација.

Градоначалникот на Општината Карбинци, Јордан Насев, вели дека овој податок треба да се земе со посебна внимателност.

-Голем дел од работоспособното население работи во текстилните фабрики. За илустрација, само во селото Таринци  има над 150 жители, кои работат во конфекциите. За жителите, ова значи  здравствно – економски проблеми. Денеска имаме состанок на Општинскиот кризен штаб, каде ќе инсистираме да бидат тестирани сите што се во изолација, изјави Насев.

Во исчекување на денешните бројки на заболени, од изутрината никој од надлежните во институциите не одговараат на телефонските повици.