Европските дипломати имаат потреба од соговорник. Потребен им е легитимен соговорник, но и функционална администрација која тесно ќе соработува со легитимна политичка власт, и на европските дипломати во овие околности особено им се неопходни одлуки. Но, тоа значи дека од една страна постојат ограничувањата кои ни се познати, а се поврзани со епидемијата и таа одлучува всушност. Така е и кај нас во Франција. Ние имаме предвидени избори на 28 јуни, но имаме одредена одредба да ја проучиме состојбата две недели претходно и доколку здравствените услови го дозволат тоа, да продолжиме со изборите, вели францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
Во интервју за Радио Слободна Европа, на прашањето дали изборите се неопходни за функционирање на правната држава или се само политички тактизирања, Тимоние напоменува дека демократските општества имаат потреба од функционални институции.
-Ние сите работиме под притисок на овие прашања поврзани со здравјето на луѓето кои се приоритетни и не треба да заборавиме дека нашите демократски општества, имаат потреба од функционални институции бидејќи најголемите потешкотии потоа ќе се појават за да се смират последиците од епидемијата. Треба да се донесат низа економски мерки и одлуки што би можеле да се донесат само од страна на легитимни институции, а кога ќе се случи гласањето тешко е да се одговори. Наша желба е колку што е можно побрзо, а, кога мислам колку што е можно побрзо, за тоа е потребна политичка одлука, но и објективна која се базира врз здравствената состојба во земјата, нагласува амбасадорот.
Во врска со преговарачка рамка за земјава која треба да биде готова следната недела, Тимоние потенцира дека станува збор за одлична вест, „зашто можеби е задржан еден од најголемите предизвици со кои требаше да се соочи и да ги надмине ЕУ особено во поглед на геостратешкиот приоритет кон Западен Балкан”. За прашањето со Бугарија, пак, амбасадорот е дециден дека европскиот дух подразбира компромис и разум. Треба, порачува, да се гледа кон 21 век во којшто сме, а не да се вртиме кон 19 век.
-Сакам на еврокомесарот Вархеји да му искажеме благодарност затоа што успеа во рамките на преговорите во Комисијата да ја одржи таа рамка и да ја подготви за месец јуни. Тој документ е многу важен и со него ќе се утврди еден своевиден патоказ врз база на новата методологија со три основни точки. Првата патоказ за владеењето на правото, втората за демократските и административните институции и трет патоказ за економските реформи. Тоа ќе биде суштината на патеката која треба да се подготви, рамката ќе треба да се усвои на меѓувладината седница која би требала да се одржи наесен, а потоа ќе отпочне процес којшто не е само технички туку и политички, а ние тоа и го посакувавме, политички пат којшто ќе биде придружуван со различен вид помош и поддршка за Северна Македонија. Значи, многу добар почеток кој се најавува со фактот што јуни ќе биде објавена преговарачката рамка, а како што ние велиме, навистина сте на добар пат, вели Тимоние.
На прашањето дали изјавата на Бугарија за македонскиот јазик ја гледа како вид ново вето за нашиот евроатлантски пат, Тимоние, меѓу другото, го посочува Договорот за пријателство од 2017 година кој, подвлекува, треба да служи како основа за добрите односи меѓу двете земји. Треба да се подвлече црта, додава, ЕУ постои зашто повеќе не се зборува за Балканските војни.
-Ако една работа не сакаме, тоа е увезувањето на сите овие прашања внатре во европскиот простор. Ние посакуваме Европа да постои како цивилизациски модел, како модел на право, а не како место во кое ќе се водат бесконечни преговори за проблеми кои се поврзани со внатрешната политика, а не со европските проблеми, потенцира францускиот амбасадор во интервјуто за Радио Слободна Европа.