Претседателот Стево Пендаровски по завршување на Советот за безбедност, на Владата и порача дека негативните трендови забележани во некои општини не смеат да бидат повод да се враќаат рестриктивните мерки на цела територија и за сите граѓани. Надлежните органи и министерства, рече, мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките без исклучок и неселективно, без разлика на нивната етничка и верска припадност. Со неказнувањето на оние кои свено не ги почитуваат законите, потенцира Пендаровски, се остава простор за враќање на кризата на почеток.
-На политичките лидери кои учествуваат на т.н. лидерски средби сакам да им порачам дека државата нема Парламент. Постои техничка влада која има лимитирани овластувања, ситуацијата е премногу сериозна. Затоа барам од сите нив да бидат на висина на историската одговорност и да се договорат за дамумот на следните парламентарни избори да добиеме институции со полн капацитет и политички легитимитет, рече шефот на државата.
Државата, потенцира тој, едноставно не може и не смее со месеци да функционира само со воведена вонредна состојба. Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека на седницата ги чул мислењата за состојбата во земјата на сите присутни и оти врз основа на таквите мислења и податоците од надлежните институции ќе ја донесе одлуката за продолжување на вонредната состојба.
Третата, исто така, четиринаесетдневна вонредна состојба поради пандемијата со коронавирусот завршува денеска, а ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 15 мај.
Претседателот Пендаровски, почнувајќи од 18 март досега донесе три одлуки за прогласување вонредна сотојба. Првите две во времетраење од по 30 дена, а последната од 14 дена. Одлуките на шефот на државата за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено.
Ако парламентарниот состав не беше распуштен, наместо претседателот Пендаровски, Собранието ќе требаше да ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба, како што е предвидено со Уставот. Првите две одлуки за вонредна состојба беа оспорени пред Уставниот суд, но тој реши дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставноста и законитост.