(видео)Навреда на Фејсбук испровоцира протести во Штип, Кочани и Струмица – ММС
ММС

Објавено на: 05/29/20 3:52 PM

(видео)Навреда на Фејсбук испровоцира протести во Штип, Кочани и Струмица

Синоќа во Штип, а денеска во Кочани и Струмица повеќе десетици Роми се собираа на протест, извикувајќи Алах акбар (Алах е голем), откако извесен Игор Ѓоревски на Фејсбук упати навреди кон Ромите и Пророкот Мухамед.

Дел од учесниците на протестот во Штип велат дека спонтано се собирале по повик упатен преку социјалните мрежи, откако разбрале дека претставници на штипската полиција одржуваат состанок во Големата сала на Општина Штип. Сакале лично на началникот на СВР Штип да му ги пријават навредите што веќе два дена се поделуваат на социјалните мрежи.

Од друга страна, според претставници на ромските организации, присутни на состанокот, од штипската полиција ја покренале и темата околу кражба на дрва, односно нелегалната сеча и некои други теми врзани за ромското население во Штип. Меѓутоа, состанокот завршил со упадот на групата која протестирала. Насобраните барале реакција од полицијата кон Ѓоревски и навредите кон Ромите. Состанокот во салата продолжил со надвикувања, а според кажувањата на присутните имало и поттикнувачи. На крај се нашол компромис и групата завршила кај координаторот на Штипското муфтиство на ИВЗ, кој ветил дека ќе побара интервенција од полицијата против Ѓоревски.

 

Од СВР Штип најавија соопштение за попладне, што треба да го дистрибуира до јавноста прес службата на МВР. Поднесена е пријава против Ѓоревски за ширење на расна и верска нетрпеливост.

Пријава до полицијата во Кочани, како што соопшти, поднела и партијата ПЦЕР:

-Од вчера низ социјалната мрежа ФБ кружи еден недоличн пост, кој е навредлив кон една група на грагани со Исламска вероисповед. Денеска по тој повод,  Муслиманите низ државата по Петочната молитва (Џума Намаз) мирно и достоинствено и секако со почитување на мерките за носење на маска, во полициските станици низ државата поднесоа пријави! Исто така претседателот и пратеникот Самка Ибраимоски / ПЦЕР одржа прес конференција по овој немил и навредлив настан на која што приложи одредени докази за сторителот и поднесе кривична пријава до МВР. Исто така го повика министерот Чулев веднаш да превземе мерки, соопштија од партијата ПЦЕР. 

Денеска по ист терк на собир протестираа Ромите во Кочани и Струмица.

видео од денешниот протест од Кочани (извор: Твитер)