Олабавувањето на рестриктивните мерки не донесе дозвола за работа на балетските студиа во земјава. Речиси три месеци се во прекин часовите за танци кои имаат позитивно влијание врз психофизичкиот развој особено кај најмладите, за разлика од земјите од регионот каде работата на инструкторите прво почна на отворено, за ритамот на музиката веќе да се слуша и во нивните сали. Сопствениците на танцови студиа кои ги контактиравме се жалат дека ќе треба да вложат големи сили за да ја вратат состојбата во нормала, бидејќи часовите се единствениот начин на кој доаѓаат до заработка, а трошоците се големи.
„Целиот концепт на работа ни е срушен до крајот на годината и ќе треба да вложиме вончовечки сили за да ја вратиме состојбата во некоја прифатлива нормала. Како одминува времето, односно неможноста за работа со нашите членови, ситуацијата станува се’ полоша. Иста е ситуацијата и кај моите колеги ширум државата, осносно со сите студија за модерен балет. Бараме под итно да ни биде дозволено да започнеме со часовите на отворено, се’ додека не се создадат услови за работа во сала. Наша прва цел ќе биде на децата да им ја вратиме кондицијата која во време на карантин им е загрижувачки опадната. За дисциплинираниот настап не треба да зборувам, бидејќи во нашата програма за работа, покрај танцот и вежбите, ги учиме децата и на дисциплина, самодисциплина и одржување на хигиена, што и без ваквата состојба ги практикуваме години наназад“, истакнува за mms.mk Цеца Пајдакова, претседателка на Балетското студио Анабела во Велес.
Со сличен став е и сопственичката на танцовото студио Urban Crew во Штип, Ана Марија Адраманова. Таа предлага да се воведе нов протокол, односно правила според кои децата ќе влегуваат во салите за танцување. Смета дека на часовите може да има и помал број деца, со цел да се овозможи поголемо растојание при изведбата на кореографиите.
Прекинот на часовите може лошо да се одрази врз физичкото здравје на децата, бидејќи дел од нив во танцот го гледаат решението за проблемите со ‘рбетот – едногласни се нашите соговорнички. Тие сметаат дека треба да добијат дозвола за работа не само поради социоекономскиот аспект туку и за добробит на најмладите.
„Танцот е доста важен за психофизичкиот развој на децата, а ставањето на часовите во мирување се одразува така што децата не се активни, многу од децата имаат проблеми со грбот и самите вежби кои ги правиме на часот им помагаат во тоа. Откако останаа дома повеќе внимание посветуваат на технологијата и тоа многу лошо делува на нивната психофизичка состојба“, вели Адраманова.
На ова Пајдакова се надоврзува со тоа што објаснува дека континуираниот престој дома значи зачестено користење на технологијата, што пак може да ги влоши проблемите со грбот кај децата:
„Ова доведува до појава на сколиозни промени на ’рбетниот столб на децата, кифоза… Медицинските лица веќе години наназад ни испраќаат деца со такви промени, за што модерниот балет како активност дава високи резултати. Немајќи го континуитетот во вежбањето и физичката активност, можна е поголема појава на вакви дегенеративни промени кај децата. Покрај тоа, дружењето како социолошка појава е многу важен сегмент од правилниот развој на децата. Другарувањето, заедничките патувања, разни хуманитарни акции и друго, во ова време на самоизолација се изоставени, што значи дека по враќањето во нормала, ќе треба да се работи и на овој план“.
Со цел барем делумно да се одржи кондицијата, кореографите одлучиле да одржуваат онлајн часови.
-Во постојан контакт сме со децата и нивните родители. Одржуваме онлајн часови кои со нетрпение се чекаат од децата. Онлајн часовите ги правиме со цел во некој степен да ја одржиме кондицијата во домашни услови. На овие часови техниката на изведба ја ставаме во заден план, бидејќи сепак, за правилна техника често е потребен физички контакт со детето. И секој час завршува со „сакаме да вежбаме во нашата сала, сите заедно“ – раскажува Пајдакова.
Ваква порака до својата инструкторка по танц, Адраманова испраќаат и децата од Штип.
-Постојано сум во комуникација со моите членовите и родителите. Работиме онлајн, им испраќам видеа од кореографии и се трудам да што повеќе деца останат активни и да напредуваат. На децата им е најтешко што седат дома, често добивам пораки или видеа на коишто самите искажуваат колку сакат да почнат со танц и да се дружат – истакнува штипјанката.
Додека трговските центри, обложувалниците, центрите за едукација и автошколите работат според нови правила веќе две недели, а од вчера веќе и угостителските објекти, егзистенцијата на сопствениците на танцови студија е се’ позагрозена, бидејќи треба да ги исплатат кириите и останатите режиски трошоци, а не можат да аплицираат за ниту една мерка која досега беше објавена од владиниот економски тим.
„Секако дека сите студиа се загрозени од оваа ситуација. На некои студиа киријата им беше укината, но на поголемиот дел им беше намалена или иста. Тешко е да се исплатат кириите и остантите режиски трошоци, затоа што ова е единствена работа преку која што заработуваме. Било каква помош од Владата е прифатлива, затоа што ние како Здружение не можеме да искористиме ниту една од мерките донесени од Владата“, потенцира Адраманова.
Нејзината колешка од Велес пак, вели дека тие и онака понекогаш издвојуваат од домашниот буџет за да опстанат студиата:
„Оваа година дури и во февруари работевме со 10% од нашите членови поради големиот број болни деца. Тоа значи дека прибирањето на членарината е недоволна ниту за плаќање на основните трошоци за работа (наемнини и режиски трошоци), а да не зборувам за плаќањето на членство во домашни и меѓународни федерации, котизации за учество, реквизити, костими… До крајот на годината има уште 6 месеци за кое време ќе треба да обезбедиме средства за досегашните, но и за трошоците кои следат до крајот на годината. Ако државата, без разлика дали централната или локалната власт, ја препознава нашта хумана мисија, од огромна помош би ни била еднократна помош за подмирување на наемнините и режиските трошоци до крајот на годината“.
Коментар во однос на оваа тема побаравме и до Владата. До секторот за односи со јавноста Македонскиот медиа сервис ги адресираше прашањата дали економските тимови размслуваат за воведување мерки со кои ќе им се помогне на луѓето кои се занимаваат со оваа дејност, имајќи предвид дека веќе постоечките мерки тие не можат да ги искористат и зошто не им се дозволи да држат часови макар и на отворено и под посебни протоколи? До објавувањето на оваа сторија, сепак не добивме одговори на прашањата.
Во меѓувреме пандемијата ги откажа и домашните и меѓународните натпревари по танц.
„Корона вирусот предизвика откажување на голем број настани за коишто се спремавме подолго време. Се надевам дека по завршувањето на пандемијата ќе се одржат натпреварите коишто беа откажани и децата ќе го покажат своето знаење и кореографиите кои што ги спремавме“, изјави Адраманова.
„Прво што откажавме се подготовките за нашиот јубилеј 25 години – Балетско студио АНАБЕЛА – Велес кој требаше да се одржи на 4-ти мај. Танцовиот перформанс Кралици на танцот се надевам дека ќе успееме да го реализираме до крајот на оваа година. Сите домашни и меѓународни натпревари се одложени за последните три месеци од оваа година. Учеството на овие натпревари е голема важност за нас, бидејќи се вреднува нашиот труд и се подигнува квалитетот на нашата работа. Учеството на Државното првенство во организација н МАМТ (Македонска асоцијација на модерни танци), натпреварите во Сараево (БиХ), Лазаревац и Ниш (Србија), е доведено во прашање поради финансиската немоќ. Се надевам дека ситуацијата ќе се нормализира и дека брзо ќе ги консолидираме штетите“, завршува Пајдакова.
Вања Мицевска