Крај на сезоната во АБА лигата, нема шампион и нема испаѓање – ММС
ММС

Објавено на: 05/28/20 12:37 PM

Крај на сезоната во АБА лигата, нема шампион и нема испаѓање

На Собранието одржано на 27 мај преку видео-линк, детално е анализирана ситуацијата настаната од пандемијата на коронавирусот и донесена е одлука по пример на Евролигата и Еврокупот – кошаркарската сезоната 2019/20 нема да продолжи.

Сезоната е откажана за сите натпреварувања од АБА лигата. АБА 1, АБА 2 и АБА У19. И покрај наводната огромна желба на тимовите за продолжување на лигата, иако во јавноста излегоа информации дека освен црногорски Морнар и белградски Партизан, ниту една друга екипа од лигата не гласала за рестартирање на сезоната, челниците на најдобрата јадранска кошарка се решиле да го стават здравјето на играчите, стручните штабови и сите оние кои земаат дел од организацијата, на прво место.

-Присуството и развојот на вирусот Ковид-19, се уште носи голем број на ограничувачки фактори. Во тој поглед, земјите кои се дел од АБА натпреварувањето не се во иста ситуација, а со самото тоа и клубовите се ставаат во различна позиција. Се ограничува можноста на собирање на екипите после повеќе од два месеци пауза и оневозможува спроведување на адекватен тренажен процес, клучни фактори за продолжување на сезоната. Собранието на АБА лигата одлучи дека сезоната 2019/20 ќе заврши без именување на шампион во сите натпреварувања, се вели во соопштението за јавноста.

Испаѓањето од лигата нема да биде опција, па така екипите од долниот дел на табелата сега ќе можат да здивнат уште најмалку една година.

Од АБА велат дека сега сите сили ќе ги пренасочат кон безбедно организирање и навремено стартување на новата 2020/21 кошаркарска сезона.

-Со цел дополнително да се зајакне натпреварувањето, Собранието на АБА лигата одлучи дека АБА 1 во сезона 2020/21 ќе биде проширена на 14 клубови. Покрај 12-те од сезоната 2019/20, СОбранието одличи дека следната сезона ќе добијат специјална покана Борац и Сплит, соопштуваат од лигата.

Исто така, донесена е одлука за влегување во разговори со Евролигата, за да се осигура најдобар можен статус за клубовите од АБА.

МЗТ-Скопје и следната сезона ќе игра во втората лига на АБА.