„Добро утро! Работите? Може кафе?“, вака на келнерите с обратија првите двајца гости, дојдени со маски, во еден скопски ресторан, кој по два месеци неработење, од утрово ги отвори вратите. Раздвиженост меѓу „кафанџиите“, чистење, масите веќе раместени, се чекаат гостите и се размислува за неизвесноста како ќе биде понатаму со новиот протокол на работа. Ова го забележа екипата на mms.mk која утрово направи обиколка низ угостителските објекти.
Оние кои немаат тераси, секако се затворени, столчињата се ставени врз масите, запуштено, заклучено. Но, кај локалите со тераси келнерите со маски, чистачките со маски, гостите со маски. Иако, рака на срце, можеби поради тоа што беше рано, а можеби поради тоа што луѓето се плашат, немаше многу гости. Овде-онде по еден- двајца Така е барем денес, како за прв ден, иако дел од „кафанџиите“ не сметаат дека луѓето ќе се плашат, односно дека се ќе биде по старо.
-Секое чудо за три дена. Таков е нашиот менталитет. Ни мислам дека нешто подолгорочно ќе се смени. Но, ајде да видиме како ќе биде и колку може вака да се издржи, ни рече еден сопственик на локал.
Но, дел од нив имаат и поинакво размислување, дека стутканите маси една до друга и не била вистинската слика на ресторан кој држи до себе.
-За брендиран ресторан вака треба да бидат наместени масите. Ние, од желба за поголема заработка ги набутавме масите и од угледни ресторани направивме гостилници. Не се плашиме од новиот протокол, може подобро, за да тие што ќе дојдат можат да уживаат како треба, вели газда на познат ресторан.
Она на што сите се свесни е дека нешто мора да направат за да повторно ги вратат гостите. Засега тоа се попустите, бидејки по скоро три месеци неработење луѓето внимаваат каде ги трошат парите.
-Тоа го имавме и кога работевме само со доставување на храна, додека важеше полицискиот час, вака ќе работиме и сега. Ние имавме дури 40 проценти попуст на храната за доставување а веќе ќе направиме одредени попусти и во кафулето. Во оваа фаза никој не размислува за заработка, важно е да се тргне, да капнува бидејки имаме семејства за хранење, искрен е сопственик на локал.
Дел од сопствениците на локалите не ги плаши тоа што речиси половина од масите се извадени, и дека ќе треба да работат со намален капацитет.
-Кај нас ентериерот и распоредот на масите никогаш не бил важен, бидејќи луѓето доаѓаа заради храната. Ако некој знае дека тука може да јаде вкусна храна, тогаш не е важно дали има пет, 10 или 20 маси. Нам и пред короната масите ни беа раздалечени, бидејки терасата ни е голема и нема потреба од трупање, вели друг сопственик на ресторан.
Можеби различен е начинот на кој рестораните ќе се борат за враќање на гостите, но заеднико за сите е: „Вака или така животот мора да се врати во нормала…“
Весна Миленковска