Општинскиот кризен штаб на Кочани на денешната седница донесе одлука за регулирање на продажбата на непрехранбени производи на градскиот пазар, по попуштањето на рестриктивните мерки за заштита од коронавирусот.
На работната средба, на која присуствуваа и претставници на продавачите на пазарот, беше договорено тезгите за текстил, обувки, алат, ситни технички уреди и други производи, што во четврток се поставуваат на улицата „Гоце Делчев”, да бидат со максимална должина од четири метри и да се користи само просторот откај кејот на реката.
– Одлуката што ја донесовме е усогласена со потребите на продавачите на текстил и на други непрехранбени производи. Тоа значи дека претходната одлука на Советот на Општината од 2008 година, со која е определено како продажен простор да се користи улицата „Гоце Делчев”, сега ќе се применува делумно. На потегот од „ЕВН” до џамијата ќе се поставуваат тезги само од левата страна на коловозот, односно на тротоарот покрај Кочанска Река, при што ќе се запази законски пропишаното минимално растојание. Очекувам продавачите, но и купувачите да ги почитуваат мерките и препораките за лична заштита за да го спречиме ширењето на вирусот , истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Претставниците на продавачите ветија дека ќе се придржуваат кон одлуката на Кризниот штаб и договорот што беше постигнат заеднички, а комуналното претпријатие „Водовод” доби задача да ги обележи местата каде што можат да се поставуваат тезгите.
Градоначалникот Илијев најави дека одлуката на Кризниот штаб ќе продолжи да се применува во иднина, односно до наоѓање трајно решение за дислокација на Градскиот пазар.
Новата организација на пазарот во Кочани треба да им овозможи полесно функционирање на кризинституциите, но и на граѓаните кои живеат во тој дел од градот, со оглед што досега сообраќајниот пристап секој четврток беше блокиран.