Со барање на дел од обвинетите за изземање од расправата на судиите Јани Нича, Енвер Беџети и Тања Дуковска, во Апелациониот суд денеска се одржува јавна расправа по жалбите за пресудите за случувањата на 27 април.
Расправата почна речиси два часа по закажаниот термин, а по изнесеното барање за изземање, судиите дадоа пауза за да одлучат за барањето.
Адвокатот Звонко Давидовиќ рече дека законот е многу јасен и во него стои дека ако судија во истиот суд решава и донел одлука што може да се побива со жалба, во тој случај не може да биде судија во предметот.
– Во два наврати Нича и Беџети беа судии ние ги побивавме по жалба на суд, еднаш за гаранција, еднаш за продолжување на притворот и сметам дека законот не за џабе ова го предвидел, затоа што во образложение на решенијата го третираат кривичното дело, значи тежина на кривичното дело, политичката мотивираност и така натаму, што покажува дека веќе имаат свој став и свое формирано мислење што е недозволиво пред да решат по жалбата, образложи Давидовиќ.