Со полициски комбиња изутрината од Затворот во Штип во Скопје е пренесена групата од 12 затвореници, кои денеска треба да присуствуваат на јавната седница за жалбената постпака за предметот со насилството во Собранието од 27 април. До правосилноста на пресудата во затворениот дел на штипскиот затвор се поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, осуден на 18 години затвор за делото „Терористичко загрозување на државниот поредок”. Чавков во штипскиот затвор е заедно со други 11 затвореници од групата од вкупно 16 лица осудени за овој случај. Со него се Јане Ченто, Александар Василевски- Нинџа, Горан Ѓошевски – Леви, поранешен шеф на обезбедување во Собранието, Оливер Поповски, екс шеф во полиција, Горанчо Ангеловски – Ќосето, Оливер Радулов, Никола Митревски-Кољо.
Групата е во неколку ќелии во затвореното затворско крило.
Според директорот на штипскиот затвор, Мики Тодоров, затворениците од групата осудена за насислтвата во Собранието ги имаат правата како и остантите затвореници. Секој ден од 18.30 до 22.30 ги користат заедничките простории, а два часа во денот излегуваат надвор на прошетка. Екс министерот, Митко Чавков, кој изминатите месеци излезе во јавноста со затворски фотографии во тренерки, во изминатиот период се жалеше на кардилошки проблеми.
фото:Зоран Божиновски
-Чавков беше пренесен во болница на испитување во болницата „Систина“, но наместо со извештај од кардиолог, Чавков дојде со лекарски упат за интервенција на коленото на стара повреда. Престојот во болницата го искористил да направи магнетна резонанца на коленото. Поради состобата со коронавирусот, сите следни интервенции се одложени, изјави Тодоров.
Дали оваа група ќе остане и понатаму во затвор, одлучуваат овие три дена расправа во Апелацискиот суд во Скопје, каде се одвива жалбената постапка.
Групата од 16 неправосилно осудени за настаните од Собранието од 27 април, доби вкупно 211 години затвор.