Времено е затворена конфекцијата „Ти стајал“ од Штип, од каде заболеа шест конфекциски работнички. Вчера таму е дезинфицирано, а Центарот за јавно здравје денеска земаше материјали за тестирање.
Како што веќе информиравме, во изминатите 24 часа се регистирани нови пет случаи на заразени со ковид 19 во Штип, од кои четири се текстилни работнички од конфекцијата „Ти стајал“. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски разговарал со сопственикот на конфекцијата, кој го информирал дека на своја иницијатива времено го затворил погонот на една недела, а ако има потреба и подолго.
-Јас разговарав со сопственикот на конфекцијата, но и со сите инспекциски служби и ме информираа дека таму е извршен инспекциски увид, надзор и контрола и е констатирано дека не се прекршени мерките за носење на заштитна опрема. Но, сопственикот ме информираше дека на негова иницијатива ќе ја затвори компанијата од недела дена, а ако има потреба и повеќе, со цел да се испитаат сите вработени, вели Бочварски.
Од страна на Центарот за јавно здравје од Штип денеска се земени девет брисеви од кои седум се поврзани со конфекцијата. Епидемиолозите спроведуваат епидемиолошка анкета за работничките од други конфекции, кои се превезувале во ист автобус со работничките од оваа штипска конфекција. Првично станува збор за повеќе од десет лица. Попладнево заседава Општинскиот кризен штаб.
Веста за заболени конфекционерки одекна непријатно во Штип, градот на тесктилот, од кој живеаат неколку илјади семејства. Текстилниот кластер, што ги обединува сопствениците на над 80-тина конфекции во Штип, се нема огласено. Но, од разговорите со некои од нив, ја сметаат за оправдана идејата за времено затворање доколку има потреба. Сите имаат странски нарачки, а поголем дел шијат заштитни маски за странство.
Сепак, каква одлука ќе се носи, ќе зависи од натамошниот тек на епидемијата во Штип.
Објавено на: 05/26/20 1:26 PM