Спасовски: Државата не може да живее постојано под рестриктивни мерки – ММС
ММС

Објавено на: 05/26/20 12:39 PM

Спасовски: Државата не може да живее постојано под рестриктивни мерки

Дали ќе има прогласување на нова вонредна состојба или живтот продолжува во уислови на корона, но во разлабавени мерки, премиерот Оливер Спасовски не одговори децидно. Ќе се процени, па ќе се носат мерки. Тоа беше неговиот одговор на новинарско прашање денеска во Штип.
-Ако е потребно тоа, ако се неопходни условите дека преку вонредна состојба полесно се справуваме со целата оваа ситуација, тогаш ќе носиме и таква одлука. Меѓутоа, сега, во овој момент немаме одлука во однос на тоа – изјави Спасовски.
По орото во Бутел и непочитувањето на мерките од страна на граѓаните изминатиот продолжен викенд Спасовски рече дека државата со одлуката за така дизајнираниот карантин им направивила отворен простор на граѓаните.
-Одговорноста е на сите нас, колку ќе успееме да се заштитиме. Граѓаните мора да ја дигнат свесноста на повиско ниво, во време кога разговараме на подигнување на мерките. Од една страна разговараме за тоа дали треба да има карантнин или не, најголем дел од луѓето, од медиумите укажуваат дека не ни се потребни повеќе рестриктнивните мерки, дека не е потребно да имаме затварање на државата, итн., а од друга страна кога тоа ќе ни се случи прашуваме зошто не сме затвориле, зошто не сме ја блокирале државата? Зошто немаме рестриктивни мерки? Едноставно, државата не може да живее постојано под рестриктнивни мерки. Имаме состојба во која здравствениот систем функционира, состојба во која здравствениот систем може да одговори на сите потреби и врз основа на тоа ги носиме одлуките за разлабавување на рестриктивните мерки, рече Спасовски.
Во однос на најавата од угостителите дека денеска попладне ќе пуштаат музика за да ја потсетат власта дека постојат, Спасовски одговори:
-Дали ќе пуштаат музика или нема да пуштаат, знаеме дека постојат. Тие се тие што добија и минимални плати и платени придонеси и тоа покажува дека државата најмногу внимавала и на угостителите. Ние ќе носиме план со кои ќе се разлабават сите овие мерки, ама тоа ќе оди со стриктно почитување на мерките од страна на граѓаните. Ние не можеме од една страна да ги разлабавуваме мерките, а од друга страна преку непочитување на заштитните мерки да го зголемуваме ризикот. Меѓутоа, тој ризик, треба да си го сподели секој еден граѓанин во државата, рече Спасовски, кој очекува да се поттикне дијалогот меѓу политичките партии околу датумот на изборите, потсетувајќи дека по укинувањето на вонредната сосотјба, остануваат уште 22 дена до изборите.
-Ако најголем интерес е државата и граѓаните, тогаш мислам на минимум треба да се сведат личните или партиските интереси и одлуките да ги носиме во интерес на граѓаните и државата, изјави Спасовски во Штип.