До кога угостителските објекти ќе бидат затворени? Ова прашање веќе не си го поставуваат само „кафанџиите“ туку и пејачите и луѓето. Со денови сите очи се вперени во министерот за здравство, Венко Филипче кога ќе даде препорака дека- забавата може да почне! Особено, по неговиот прес од пред неколку дена кога рече дека е можно и дека тоа ќе го соопшти во вторник (утре).
По оваа негова изјава сите се на нозе и во исчекување. Први беа пејачките кои, по долгата пауза, ги преплавија салоните за убавина. По овој карантински викенд, се надеваат дека следниот веќе ќе се пее и ќе се игра.
Но, доза на неверување и нервоза се уште има кај сопствениците на угостителските објекти. Нивното трпение е на раб, особено што веќе во државава еден по еден објект почна да се отвора, но не и рестораните. Уште пред 10тина дена тие ги исчистија објектите, ги дезинфицираа, ги наместија масите на дозволена дистанца, но се уште нема абер од препораката за отворање. Исплашени од утрешниот ден, дека Филипче повторно нема да даде препорака тие одлучиле на свој начин да го свртат вниманието.
– По продолжениот карантински викенд, ги повикуваме сите сопственици на угостителски објекти од утре во сите локали да се извади по некој звучник и да се пушти музика. Целта е да покажеме дека сме тука и полека да привлечеме внимание и да ги разбудиме луѓето и одговорните. Исто така, ќе извршиме дополнителен притисок, дека сме подготвени за поскоро отварање. Ве повикуваме сите заедно утре точно од 12- 18 часот да пуштаме музика, секој по свој избор и да покажеме единство, се вели во писмото на дел од сопствениците на угостителските објекти.