Денес се одлучува за одземање на дозволата на ТВ 24 и Енџелс ФМ Штип – ММС
ММС

Објавено на: 12/1/17 1:47 PM

Денес се одлучува за одземање на дозволата на ТВ 24 и Енџелс ФМ Штип

ТВ 24 може да остане без дозвола за работа. За денес е закажана седница на Советот на АВМУ на која ќе се одлучува за одземање на дозволата на ТВ 24.

Измината недела до Советот и директорот Зоран Трајчевски се поднесени  барања за одземање на дозволата на ТВ 24 и на ТРД Енџелс од Штип. Подносителот бара да се применат членовите 35 и 39 од Законот за АВМУ, каде стои дека „странско физичко или правно лице може да основа или да учествува во сопственоста на домашен радиодифузер под истите услови утврдени со овој закон, но доколку не е можно да се утврди потеклото на основачкиот капитал, не може да врши радиодифузна дејност, согласно со овој закон ниту да се стекне со удел во сопственост на радиодифузер“ (чл.35). Согласно чл.39 „основач на Трговско радиодифузно друштво не може да биде физичко или правно лице кое истовремено е оператор на електронски комуникациски мрежи“.

Сопственикот на ТВ 24, австриската компанија Кејбл 24, е сопственик на уште една компанија со седиште во Штип, која во 2014 година се припоила кон кабелската телевизија Роби ДООЕЛ.

За директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски се бара покренување на кривична одговорност за злоупотреба на службената должност и овластување, бидејќи не презел активности  за утврдување на вистинската состојба на сопствеснота и неговата шифра на дејност, која е транспарентна преку Основниот суд во Линц, Австрија.

Официјално, во регистерот на АВМУ, сопственик на ТВ 24 е Кејбл 24, со шифра на дејност претпријатие за учество во телекомуникации и телекомуникациски услуги, со адреса на АМ Винтерхафен 13 4020 Линц Австрија.

Основач на Кејбл 24 е ЈМ Дата и Јирген Мајкснер

Основач на ЈМ ДАТА, мајка фирма е Јирген Мајкснер и неговата сопруга, Весна Мајкснер, родена штипјанка,  со седиште на истата адреса АМ Винтерхафен 13 4020 Линц Австрија  и шифра на дејност- претпријатие за учество во телекомуникации и телекомуникациски услуги.

Австриецот има неколку фирми на негово име. Покрај споменатите две, Мајкснер е сопственик на уште една компанија за интернет услуги во Австрија, а  има уште една компанија во Македонија. Тоа е компанијата за жичани телекомуникации Аикол.  Аикол се води на иста адреса, „Ванчо Прќе 88“ – Штип, како и кабелската телевизија Роби,  Топ инвест, Роби Инжинеринг, а таму работи и радио Енџелс ФМ.

Да биде куриозитетот поголем Аикол се споменува во истражувањето на БИРН – Призма како трета на листата на десет најбогати компании со најголема добивка, но без ниту еден вработен. Аикол е веднаш зад компанијата на сопственикот на Пелистерка, Дејан Панделески „Тимох“ и таа на Јордан Камчев – „Камчев консалтинг“.

Аикол има годишна добивка од 543.740 евра.

Во скромните податоци на нејзината интернет страницата, во делот за тоа која е компанијата, пишува дека настанала со спојувањето на двата партнери – кабелската Роби и Аикол Телекомуникации од Австрија, чиј сопственик на штипскиот зет Мајкснер.

Аикол е неколку години по ред во најуспешните 200 бизниси во Македонија, се’ до 2014 година, кога се припојува кон кабелската телевизија Роби ДООЕЛ, заедно со уште една компанија Мега НЕТ.

Кабелската Роби ДООЕЛ чиј сопственик е Роберт Димитров, според тековната состојба од Централниот регистер,  како и компанијата Роби инженеринг, чиј управител е сестрата на Роберт Димитров, Жанжанина Стојанова имаат истато седиште како и Аикол,  – „Ванчо Прке бр.88“, Штип.

На оваа адреса е и седиштето и на Радио Енџелс, чиј сопственик е Иле Митров, вонбрачниот партнер на сестрата на Димитров, Жан Жанина Стојанова.Оваа радиостаница е купена од ромското Радио Черења.

Во барањето за одземањето на дозволата на ТРД Енџелс од Штип стои дека  Енџелс ФМ ДООЕЛ Штип, е со седиште на ул. Ванчо Прќе бр.88 Штип ( кое се води на иста адреса и управна зграда Роби Штип), е основано од лицето Иле Митов од Штип, кој е истовремено и управител.

Согласно чл. 36 од Законот за АВМУ (во делот за поврзани лица), при што управителот Иле Митов е вонбрачен другар на Жан Жанина Стојанова, која пак е сестра на Роберт Димитров, основач на Роби, оператор на јавна телекомуникациска мрежа. Оваа состојба е од денот на превземањето на Радио Черења, сегашно Енџелс од 26.06.2010 година.

Во барањето се потсетува дека директорот и одговорното лице на АВМУ, немаат преземено мерки во изминатите години за транспарентност на медиумската сопственост и медиумската концентрација, што го  прекршуваат законот за АВМУ.