Пакистанските власти објавија дека 97 луѓе загинале од авионот што се урнал во Карачи. Досега се пронајдени само двајца преживеани.
„Потврдено е дека загинаа 97 луѓе од авионот“, рече Миран Јусуф, портпарол на Министерството за здравство.
Во авионот имаше 91 патник и осум членови на екипажот на Ербас А320. Авионот падна во петокот, на тесна улица во населеното подрачје на Карачи непосредно пред да слета на меѓународниот аеродром Гина, потврди денеска портпаролот на пакистанската авиокомпанија.
Според Јусуф, телата на патниците и екипажот биле пренесени во две болници. Досега се идентификувани 19 патници.
Припадниците на армијата и службите за вонредни состојби цела ноќ ја расчистуваа областа на несреќата со тешки машини и хеликоптери, отстранувајќи ги урнатините на куќите и делови од остатоците од авионот.
Пронаоѓањето на двајцата преживеани на самиот почеток на спасувачката операција, даде надеж дека евентуално би можело да има и повеќе преживеани. Еден од преживеаните е претседателот на банката Пенџаб, една од најголемите пакистански банки, изјави официјален претставник на авиокомпанијата.
Производителот на авиони „Ербас“ објави дека му дава техничка помош на Пакистан во истрагата за несреќата. Шефот на компанијата на компанијата Пакистан Интернешнл Ерлајнс (ПИА), Аршад Малик, за чија компанија летал авионот на линијата PK 8303, ветил дека ќе спроведе транспарентна истрага со „Ербас“ за тоа што може да биде причината за несреќата.
Авион „Ербас“ на летот ПК 8303 летал од градот Лахоре, на северо-исток од земјата, кон Карачи, на југ. Удрил во станбена зграда додека се приближувал до аеродромот.