Иако е една од водечките во земјава, текстилната индустрија ја губи својата атрактивност пред младите луѓе. Стотината конфекции во градот кој е познат по оваа индустрија, Штип со години се соочуваат со дефицит на млади стручни кадри. Во Средното текстилно училиште во градот, каде некогаш се образовале кадри и од Србија, бројот на ученици континуирано се намалува. Професионалците како една од причините го наведуваат мигрирањето на многу штипски семејства не само надвор од градот, но и надвор од државата. Во меѓувреме, многу млади привремено заминуваат на работа во странство, каде сметаат дека имаат шанси за поголема заработувачка. Од друга страна пак, според бизнис секторот и Кластерот за текстил, ова е проблем за кој се потребни системски решенија. Ако продолжат ваквите тредови велт оттаму, опстојувањето на текстилната индустрија ќе биде загрозено.
Сторија на Вања Мицевска
Македонка, најголемата индустрија за прерабтка на памук во Мaкедонија го пречека другарот Тито со искрените работнички срца, со песната на 30.000 вретена и 900 разбои што предат 5160 тони памук –Ова е дел од извештајот на јавниот сервис за една од посетите на Јосип Броз Тито во некогашниот гигант, текстилната фабрика Македонка во Штип. Бројни јавни личности – уметници и политичари доаѓале во градот кој со децении е познат по текстилната индустрија.
Денес, овде се стокмени стотина конфекции, кои со години се соочуваат со дефицит на млади и стручни кадри.Средното текстилно училиште „Димитар Мирсачиев“ во кое некогаш се образoвале и ученици од соседна Србија, последните десетина години не е толку атрактивно за полуматурантите, кои го претпочитаат или гимназиското или стручното медицинско образование.
Професорката Катица Костова, која долги години ги едуцира учениците кои сепак сакаат да ја изучуваат текстилната индустрија, лоцира повеќе причини за ваквата ситуација.
„Зошто е намален интересот за текстилната струка – честопати и јас самата се прашувам, имајќи предвид дека ова е конфекциски град. Успешно работат голем број компании од оваа индустрија, имаат потреба од млади кадри и огласите за конфекциски работници се постојано отворени, а се помал број матуранти излегуваат од нашето Училиште. Проблемот може да биде лоциран на повеќе места. Прво, се намали бројот на ученици во градот и пошироко. Се јави појава на мигрирање на многу семејства од нашата општина во други држави и тоа го намали бројот на учениците. Не знам како оди плаќањето во тектилните компнии во градот, но тоа е поврзано со продуктивноста. Продуктивноста кај нив се намалува бидејќи немаат стручни кадри. Колку пообучени ученици, млади вработени одат во компаниите, толку ќе биде поголема и продуктивноста. Кај нив се јавуваат загуби поради дополнително обучување на тие нови вработени, па подоцна можеби и добивката им е помала“, вели Костова.
Законска регулатива би можела да ја промени јавната свест и кај младите и кај нивните родители
Професорката Костова истакнува дека не треба да се занемари професионалната деформација кај основците:
Во основното образование треба да работат стручни лица кои ќе ги проценат способностите, знаењата, интелигенцијата на учениците и ќе ги насочат уште во основното образование. Треба да се работи и со родителите. Тие се свесни дека единствено вработување во нашиот град имаат лица со средно текстилно. Тие може да се вработат уште во јуни пред да матурираат, затоа што работодавачите не’ консултираат колку ученици завршиле, ги бараат најдобрите, а тој дел е доста важен за да можат учениците да сфатат дека во животот треба да заработуваат колку што е можно порано. Еден друг момент – конфекциите вработуваат, нормално имаа потреба од работна сила, кои не се стручни со текстилна струка. Ако се направи една законска регулатива дека тој што сака да работи во текстилна компанија, да мора да заврши текстилна школа, па тогаш младите ќе размислат поубаво. Тогаш сигурно би имала промена во свеста, бидејќи колку и да се одложува вработувањето на младите ќе дојде еден ден, а тие треба да бидат посамоуверени и со поголем знаења за да се вклучат подобро во овој процес.
Директорката на Училиштето, Цветанка Красиќ забележува на уписната политика во домашните училишта воопшто, а професорката Костова додава дека и тие, како и многу други стручни училишта во земјава чувствуваат неправда.
–Од една страна Владата цело време дава јавни повици до родителите и учениците да запишат средни стручни училишта и технички факултети подоцна, а од друга страна кога се заврши првиот уписен рок и пријавувањето едно или две, зависи каде како ќе се исполни квотата, се случува намалување на поените за одредени струки. Здравствената струка е можеби најатрактивна. Во првиот уписен рок не ги пополнуваат сите места, во вториот ги намалуваат драстично поените па учениците со послаб успех, кои порано беа наши сега заминуваат во тие струки. Добиваме помал број ученици, послаби ученици со кои потешко се работи. Да оспособиш ученик со доволен успех да создава производ со употребна вредност и не е така лесно за да ги задоволиме потребите на пазарот на трудот – смета професорката Костова.
Системски решенија за справување со проблемот
Во меѓувреме, Текстилниот кластер и бизнис секторот алудираат на дефицитот од млади стручни кадри во текстилната индустрија. Ова, според нив, би можело да го загрози и нејзиното опстојување.
Претседателката на Кластерот, Маријана Перковска истакнува дека државните институции треба да имаат различен пристап кон оваа индустрија, како би можела да се зголеми и свеста кај младите дека таа е од курцијално значење за општеството.
„Прашањето јас не би го поставила само во однос на младите, туку воопшто на државните институции, од осамостојувањето до денес во однос на текстилната индустрија. Автоматски интересот на младите е директно поврзан со тој став. Доколку државата има различен пристап кон текстилната индустрија, тоа би се рефлектирало и кај младата популација. Но честопати оваа индустрија се третира како по некое правило, како експлоатирачка, како неинтересна, како индустрија којашто треба да се напушти, во тој случај секако не може да очекуваме младите да имаат интерес. Доколку политиките и приодот кон оваа индустрија се сменат, ќе се смени и ставот на младите. Овде не мислам на текстилот, туку воопшто на производството. За жал во оваа држава се’ уште не се научивме да го почитуваме производството, независно за кој тип индустрија станува збор“, потенцира Перковска.
Младите штипјани се се’ поскептични за стекнување стручни знаења и вештини од оваа област, бидејќи, како што велат метафорички, порано или подоцна доаѓа моментот кога ќе треба да вадат леб од игла.
Текстилниот инженер, Венцислав Филипов, кој е сопственик на конфекција, смета дека и Министерството за образование и наука треба да се вклучи во надминување на скептицизмот кај младите и да ги стимулира да бидат позаинтересирани за текстилната индустрија.
„Овој скептицизам пред се’ може да се надмине со влијание на самата држава, односно преку Министерството за образование и наука. Последните десетина, петнаесет години ние имаме дебаланс во образованието, некаде околу 20 посто од луѓето што се запишуваат во средните училишта и на факултетите се запишуваат на природни науки а другите на општествени науки. Тоа е дебаланс бидејќи со општествените науки имате помалку физичко ангажирање и можете да се вработите во јавниот сектор, кој за жал живее од реалниот сектор“, констатира Филипов.
–Минатата година бев во Скандинавија, во градовите каде доминира некоја индустрија како тука текстилот во Штип, самата држава и компаниите од тој град го стимулираат образованието од таа гранка. Компаниите го финансираат образовниот центар, децата одат на пракса и за тоа добиваат надомест. Во Македонија преку пропаганди се направи и тој што го бива и тој што не го бива да студира, но таму ако не сакаат да студираат продолжуваат во фабриките каде оделе на пракса и потоа напредуваат. Мое мислење е дека крајно време е веќе да размислуваме во овој правец и да ја најдеме формулата како да ги стимулираме, за да не се случи компаниитекај што треба да бидат вработените во иднина негативно да влијаат на нивната свест и да се јавува страв кај нив – го споделува штипскиот претприемач, своето искуство.
Дефицитот на млади и стручни кадри може да ја „згасне“ текстилната индустрија
Некогашната бројка на стотици ученици во Училиштето „Димитар Мирасчиев“ значително се намалува. Оваа образовна институција веќе не е толку атрактивна, за разлика од порано, кога имало и по триесетина класови, иако вработените тврдат дека постојано воведуваат новитети во работата. Оттаму ги негираат чаршиските муабети дека Училиштето би можело да замине во историјата, а велат дека дополнителен проблем е тоа што дел од просториите во училишната зграда се пренаменети за наставата на студентите од УГД.
Штипските конфекции учествуваат со 20% во вкупното текстилно производство во државата, а градот од 2008 година е член на Европската асоцијација на градови со текстилна индустрија. Текстилните работници во срцето на источна Македонија произведуваат парчиња облека кои во главно се наменети за странски пазари, но градот исто така, често е шопинг дестинација на купувачи од Скопје.
Сепак, според познавачите, проблемот со човечките ресурси го вклучува алармот за егзистенција на индустријата, по која Штип е препознатлив веќе десетици години.