„Сончевата населба Мантово“ ќе привлече многу туристи, рече Царовска при посетата на општина Конче – ММС
ММС

Објавено на: 05/22/20 2:25 PM

„Сончевата населба Мантово“ ќе привлече многу туристи, рече Царовска при посетата на општина Конче

Заменичката на престедателот на Владата за економски прашања Мила Царовска, министерот за локална самоуправа Горан Милевски и заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески, придружувани од градоначалникот на општина Конче, Благој Илиев, денес ја посетија оваа општина, кадешто направија увид во градежните работи на потпроектот за подобрување на пристапноста и атрактивноста на Сончевата езерска населба Мантово и околината.

Овој потпроект, кој е во завршна фаза и е во вредност од 295 илјади евра е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, а се спроведува со финансиски средства на Владата на Република Северна Македонија и Европска Унија и во соработка со канцеларијата на Светска банка.

По извршениот увид на градежните работи, Вицепремиерката за економски прашања посочи дека се реализираат инвестиции со кои се поттикнува локалниот економски развој и со кои се овозможува развој на сите региони и општини во земјата. Таа додаде дека природните убавини се вистински предизвик за туристите, при што нагласи дека Република Северна Македонија има голем број на мали места со голем туристички потенцијал коишто треба да се промовираат и да се понудат и на домашните и на странските гости.

„Инвестицијата во проектот за подобрување на пристапноста и атрактивноста на „Сончевата населба Мантово“, во вредност од 295 илјади евра, со која се доопремува и се зголемува атрактивноста на оваа локација ќе придонесе кон локалниот економски развој на општина Конче. Воедно, во оваа ситуација, во којашто се наоѓаме како држава, а во која се наоѓа и целиот свет, кога сме насочени да работиме во посебни услови поради здравствената криза, ќе можеме оваа година како граѓани да се свртиме кон домашните атрактивни туристички места и на тој начин да им дадеме на значење. Сметам дека патот кој е направен  и уредувањето на просторот, преку финаниската поддршка обезбедена со проектот, даваат поинаква и поубава слика за оваа туристичка локација и ќе придонесе кон привлекување на поголем број домашни и странски туристи. Овој потпроект е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, и не би била можна без финанската поддршка од Европската Унија и поддршката од Светската банка, преку која целиот проект се реализира“, потенцира вицепремиерката Царовска.