Скапо ја „чинат“ Виница билетите во два правци – ММС
ММС

Објавено на: 03/31/17 11:41 AM

Скапо ја „чинат“ Виница билетите во два правци

Едни заминуваат но се враќаат, други заминуваат за трајно да се иселат. Проблемот со иселувањето во општина Виница стагнира, тврди градоначалникот Емил Дончев. Жителите велат поинаку.
Сторија на Весна Крстева

Невообичаен метеж, луѓе и автомобили по улиците во центарот на градот не’ дочекaа во Виница при нашата посета. Сликата што ја видовме го демантираше она што наголемо го алармираат речиси сите, дека Виница е пуст град. Но дилемата за првичната перцепција беше решена, среда бил пазарен ден во овој град. Луѓето со коишто разговаравме ни порачаа да дојдеме друг ден.

Вие сте дошле денеска кога е пазарен ден, пак има нешто, дојдете утре, па дали ќе најдете некој за анкета, не верувам -ни рече еден од нашите соговорници.

Сопстените лозја пропаѓаат, заработувачка се бара на туѓи

Граѓаните велат дека економските причини, немањето работа и малите плати, се главните причини што виничани го напуштаат градот.

На кој не му е јасно, причината е економска, невработеноста, ништо друго . . нема наутро со кого да се напијам кафе во маалото. . сите си заминаа. Не оти  нема и тука што да се работи.. луѓето си одат, полињата се празни, селата се празни.. И тука има живот, треба само да им се даде можност на луѓето  и тоа е.. Тие одат, ги оставаат своите лозја, одат на туѓи лозја да работат. Значи они имаат тука се’, но за побргу да дојдат до пари, заминуваат и остануваат таму.. Ниту еден млад човек за 12.000 денари не сака да работи, нормално и јас ги разбирам, зошто и јас имам работено во странство. Колку толку, заминат три-четири месеци, заработат нешто, дојдат тука, преживеат 2-3 месеци и така, тоа е процесот –коментираат Виничани.

Од година  во година се’ помалку првачиња

Италија, Германија, Швајцарија се најчесто крајните дестинации каде што се иселуваат виничани. Тие ги десеткуваа невестите, но и децата кои што се раѓаат во овој град. На денот Тодорица, кога според вековната традиција во црквата Свети Архангел Михаил за благослов заедно доаѓаат снаите и свекрвите, од 50 склучени бракови во 2016 година, се појавиле само петнаесет невести. Другите се во странство, вели старешината на црквата Бранко Богданов.

Тие во летниот период доаѓаат, се венчаваат и заминуваат, значи ги нема повеќе. Во периодот од 2015 до 2016 година имаме 36 деца помалку крстени, што е застрашувачки факт за една општина каква што е Виница. Секоја година по една паралелка помалку. Во просветата, во трговијата, секаде стандардот ни е намален. Ние имаме еден синџир, една алка, ако од тој синџир една алка се скине, значи не е веќе синџир – вели поп Бранко.

Иселувањето стагнира, тврди виничкиот градоначалник

Околу 4000 жители на Виница се иселени, со своите семејства, вели Виничкиот градоначалник Емил Дончев, но и тие се неофицијални бројки. Еден добар дел од жителите заминуваат на сезонска работа, но повторно се враќаат и заработеното го трошат во родниот крај. Трендот на иселување започна во деведесетите години, вели Дончев, но сега состојбите не биле толку драстични.

Со затварањето на повеќето поголеми фирми, многу луѓе останаа без работа и од тука започнува еден процес на барање на егзистенција. Најдрастично беше иселувањето во деведесетите години. Тука  водеше Италија, каде што се иселија  многу наши сограѓани за да работат на лозјата во тие места. Потоа тоа стана како некој тренд, како некое помодарство. И овој процес продолжува до ден денес, не во толкави рамки, меѓутоа не можеме да не кажеме, дека нема иселување, односно барање подобар живот вели Дончев

Според него, не е многу загрижувачко кога станува збор за сезонските заминување  затоа што луѓето одат на неколку месеци, заработат и потоа се враќаат и парите ги трошат тука, со што живнува и градот и економијата.

Во Италија не е како што беше но нашите се плашат да се вратат дома

Виничкиот градоначалник, кој е на чело на градот веќе два мандати вели дека општината има многу направено за да се подобри животот на граѓаните со цел да ги задржат тука, а биле зголемени и платите.

Општина Виница уште пред 7-8 години направи еден план за да ги задржиме луѓето овде, да не се иселуваат, односно целта беше да се разработиме повеќе индустриски зони, да привлечеме компании кои ќе инвестираат  овде и ќе отвараат работни места. За наша среќа општина Виница имаше една успешна транзиција од општествениот во приватниот капитал и така доста компании останаа успешно да работат. Во 2006 година имаавме 3600 вработени, сега во општината работат 5500лица. Продолжуваме со трендот на разработување на мали стопански зони. Имаме неколку успешни компании дури и на светско ниво кои имаат потреба од ширење и градење на нови капацитети. Ние сме во постојан контакт со нив и сакаме да им создадеме услови, т.е место каде што тие ќе можат да отворат нови капацитети и да отворат нови работни места.

Дончев вели дека општината работи и на стратегија, не само да се задржат граѓаните, туку и да се привлечат тие што заминале да се вратат.

Во Италија моментално не баш добро, знам, затоа што јас многу пати одам да ги посетам овие наши луѓе таму. Знам дека се соочуваат со огромни проблеми, дека често немаат загарантирана заработувачка, но отидени се таму и некако како да се плашат да се вратат овде, а тука имаат и куќа и имот каде да работат. Доколку би се обезбедила некоја солидна плата тие би се вратиле назад. Тоа се главните услови кои што треба да се обезбедат, меѓутоа не треба да  ги занемаруваме и другите можности што треба да се понудат, како културниот живот, развивање на туризмот со отварање на нови туристички капацитет и така  -вели виничкиот градоначалник, Емил Дончев.

Иако тој тврди дека трендот на иселување стагнира сепак останува фактот дека Виница но и соседните општини се празни. Се формираат паралелки со се’ помалку деца, но и се спојуваат класови од различни генерации. Се одржуваат амбулантите кои спореде бројот на жители не би требало да постојат или пак ги нема таму каде што има потреба. Факт е дека  меѓу општините на Истокот, нема редовни автобуски линии, но веќе неколку години функционира редовна автобуска линија со Сверна Италија.

Проблемот со белата чума е огромен проблем за Македонија. Неговото решавање, најверојатно ќе  се најде и меѓу приоритетите на сите кандидати за претстојните локални избори, но и во програмите за излез на земјата од постоечката криза, којашто уште повеќе го продлабочува проблемот.