Граѓаните се недоволно информирани за три закони кои се моќна алатка во нивните раце – ММС
ММС

Објавено на: 05/21/20 7:38 PM

Граѓаните се недоволно информирани за три закони кои се моќна алатка во нивните раце

Неформална граѓанска иницијатива од Штип, во периодот 2016-2017 година, девет месеци водеше борба со институциите во зачувавање на најголемиот парк во градот, кој сега е претворен во трговски центар со деловни простории. При тоа, граѓаните како алатки ги имаа Законот за слободен пристап до информации и Законот за постапување по претставки и предлози. Но, и двата закони им покажаа дека привремена надеж може да има, но не и правда. Фондацијата за развој на локалната заедницата (ФРЛЗ) од Штип им помагаше на граѓаните да дојдат до институциите. Подготвија и претставка до Уставниот суд, кој негативно одговори на барањето да ја оцени уставноста на Деталниот урбанистички план (ДУП) за тој дел од градот. Општината Штип делумно им одговорила на барањата по слободен пристап до информации, додека во Основното јавно обвинителство се’ уште во некоја фиока стои кривичната пријава за тоагашниот градоначалник и за Општината Штип за незаконска промена на ДУП. Од ФРЛЗ велат дека однесувањето на институциите донекаде е очекувано, но уште поразочарувачки за нив и за неформалната група била незаинтерсираноста на граѓаните и непознавањето на правата што им ги даваат законите.

Паркот го изгубија, а граѓаните кои се бореа за него, беа прогласени за „партиски инструрани“.

Случајот со неформалната граѓанска иницијатива од Штип во пракса ги потврдува главните наоди во „Основната студијата за имплементација на Законот за заштита на укажувачите, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Законот за постапување по претставки и предлози  на локално ниво во Република Северна Македонија“ на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје.

Студијата оценува дека постои генерална неинформираност на граѓаните и институциите за можностите кои ги нуди постојното законодавство во поглед на подобрувањето на транспарентноста и отвореноста вклучително и на локално ниво.

Се работи за клучни законски прописи кои содржат важни алатки со кои се овозможува на физичките и правните лица, да пријавуваат незаконско, недозволено или неетичко однесување на институциите на национално и локално ниво или да обезбедат (добијат) соодветни информации од работењето на институциите кои имаат јавни овластувања.

Понатаму се забележува: Со оглед на фактот дека се работи за закони кои содржат алатки за транспарентност и отчетност на работењето на јавните правни субјекти, препорачливо би било интегрирање на дел од анализираните прописи во еден законски текст. Ова особено би се однесувало на различните механизми, процедури и алатки содржани во Законот за заштита на укажувачите и Законот за постапување по претставки и предлози.

Интегрирањето на прописите, ќе значи и интегрирање на ресурсите, кое ќе доведе до зајакнување на капацитетите.

„Сметаме дека посоодветно би било едно исто лице да постапува по претставки, по пријави на укажувачи во форматот на заштитено внатрешно пријавување и по барања за слободен пристап до информации од јавен карактер“, оценува Студијата.

Овие три закони го олеснуваат правото на граѓаните и нивниот пристап до 1.314 институции, во кои работен однос имаат засновано 132.068 лица.

Тоа значи дека алатките за транспарентност и отчетност, потенцијално може да бидат користени за мониторинг на сите овие 1.314 институции. Од вкупниот број институции на локално ниво во 2018 година делуваат 792 институции, додека на национално ниво делуваат 522 институции.

Наоди од Студијата за трите анализирани закони:

  1. Законот за постапување по претставки и предлози

Законот за постапување по претставки и предлози е во сила од 2008 година и претставува најдолго применуван закон од трите анализирани закони за потребите на оваа Студија. Сè до донесувањето на Законот за заштита на укажувачите во 2015 година, овој закон беше единствената алатка, покрај стандардното пријавување на кривични дела, која требаше да им овозможи на граѓаните да пријавуваат незаконски, недозволени или неетички однесувања на претставници на институциите, вклучително и на локално ниво.

Недостаток, според оценката на Студијата е што органот, кој постапува по претставките и предлозите, не постапува по анонимна претставка, односно предлог, освен ако се работи за прашање од јавен интерес утврден со закон. Се работи за одредба која може да остави простор за злоупотреба во праксата. Имено, иако Законот од една страна дозволува анонимно пријавување, истото ќе биде релевантно само ако органот кој постапува, оцени дека се работи за јавен интерес. Поради тоа, претставки кои имплицираат на големи злоупотреби, но се поднесени анонимно, поради ова дискреционо право на органот кој постапува по нив, може многу лесно да бидат одбиени, односно отфрлени.

Се наметнува потребата од создавање на електронски систем за поднесување на претставки, пријави од укажувачи и барања за слободен пристап.

Во случајот со Општината Штип, на интернет страната никаде не може да се најде упатство, формулар или електронска опција, каде може да се поднесе претставка за работата на орган на Општината. Но, затоа, со години на насловната страна стои упатство со објаснување како и каде се  поднесува преставка до притив работењето на вработен во МВР.  Кога ќе се пребарува страницата по секое подмени, вклучувајќи го и инспекцискиот надзор, никаде нема опција да се приговара, иако законот ги нотира општините како институции, кои подлежат на овој закон. Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Штип, чии службеници секојдневно комуницираат со граѓаните, исто така е со интернет страна, каде нема опција за поднесување на претставки. Основниот суд генерално ја користи опцијата дадена од Врховниот суд за поднесување на претставки против судии.

„Законот за постапување по претставки и предлози треба јасно и недвосмислено да ја предвиди можноста за постапување и по претставки и предлози добиени по електронски пат, преку електронски обрасци, достапни на интернет-страниците на институциите, без да се бара поседување на електронски потпис. Да се предвиди и посебна процедура за јавно објавување на одговорите по однос на претставките и предлозите. Обврската за јавно објавување да биде особено задолжителна за претставки поднесени во анонимна форма. Во спротивност, подносителот нема да биде запознаен со одговорот по претставката која може да биде заборавена во фиока’, стои меѓу препораките од Студијата.

  1. Закон за заштита на укажувачи

Потребата поради која е донесен законот, е да овозможи креирање на алатка со помош на која ќе овозможи пријавување на незаконски дејствија и ќе создаде рамка за ефикасно постапување по пријавите од т.н. укажувачи. Согласно со членот 2, став 1 од Законот за заштита на укажувачите, заштитено пријавување е пријавување, односно откривање, со кое согласно со овој закон се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши казниво, неетичко или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес. Од оваа одредба јасно произлегува фактот дека се работи за пријавување на 1) казниво постапување; 2) неетичко постапување, и 3) друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес.

Меѓу препораките е и потребата од создавање на можности и капацитети кои ќе овозможат и охрабрат анонимно пријавување согласно со членовите 3 став (1) и 5 став (4) од Законот. Во таа смисла, треба да се подготват и посебни упатства со кои лицето кое прима пријави, ќе внимава да не се објават податоците кои можат да го откријат идентитетот на укажувачот (пример: иако се работи за анонимно пријавување, но ако во пријавата е наведено дека пријавувачот како сметководител, пријавил незаконско дејствие, а во институцијата има само еден сметководител, јасно ќе биде кој е пријавувачот). – Предвидување на можност пријавите од укажувачи да може да бидат поднесени и преку електронски пат преку создавање на електронски образец за секоја институција.

 

  1. Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер

 

Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е посебна алатка во правниот систем на Северна Македонија, која треба да им овозможи на сите заинтересирани субјекти преку користење на посебен инструмент (барање за слободен пристап до информации од јавен карактер) да обезбедат информација од надлежните субјекти, а која има карактер на јавна информација. Целта на овој закон е да создаде одговорни и транспарентни институции. Алатките кои произлегуваат од овој Закон, особено се од интерес за претставниците на граѓанските организации, како и граѓанските активисти кои вршат мониторинг над работата на институциите, како на национално ниво, така и на локално ниво. Општините и институциите на кои се основач, исто така се иматели на информации според овој закон.

Во членот 3 од Законот како „барател на информација“ е утврдено секое правно и физичко лице. Согласно со членот 4 од Законот, слободен пристап до информации имаат сите правни и физички лица вклучувајќи и странски физички и правни лица. Покрај тоа, во членот 3 од Законот се содржи и дефиниција на поимот „јавен интерес“ во остварувањето на правото на пристап до информации подразбира, но не се ограничува, на интерес за информации, со чие што објавување, односно остварување пристап: 1) ќе се открие злоупотреба на службена положба и коруптивно однесување; 2) ќе се открие противправно стекнување или трошење на буџетски средства; 3) ќе се открие потенцијален судир на интереси; 4) ќе се спречат и откријат сериозни закани по здравјето и животот на луѓето; 5) ќе се спречи и открие загрозување на животната средина; 6) ќе се помогне да се разбере прашањето за кое се креира јавна политика или се води парламентарна дебата и 37 7) ќе се овозможи еднаков третман на секој граѓанин пред законите.

Предвидување на посебни прекршочни одредби и за функционерот или раководното лице за ситуациите кога неосновано ќе се одбие да се постапи по барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, по примерот на претходниот закон (член 39 од претходниот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер).

Од искуството на граѓански организации во Штип, институциите одговараат на барањата до оној момент кога бараната информација или документ задира во за инситуцијата посензитивна материја, како што е трошењето на пари и сл. Во случајот од почетокот на текстот, граѓаните и активистите добиле нецелосни документи, од кои не успеале да добијат податоци за начинот на кој е изменете Деталниот урбанистички план.

Ова е дел од соджината на Основната судија, која настана во рамките на проектот „Поттикнување на граѓанскиот активизам за следење и известување на незаконито постапување на локалната самоуправа“, што го спроведува Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје во периодот септември 2019 – септември 2020 година. Проектот е делумно поддржан од Амбасадата на САД во Скопје. Целта на проектот е да се поттикне интересот на граѓаните за примена на неколку клучни закони за остварување на нивните права на локално ниво.