Стара школка од тоалет заврши изминатиот викенд во контејнер на брегот на Езеро Младост. Ја фрлиле несовесни граѓани на една страна од контејнерот затрупан со смет и поставен на самиот влез на плажите на езерскиот брег.
Вториот или среден од првите три летниковци, во изгорената шума, е без настрешница. Таа е искршена и добро спакувана за кражба додека последните посетители кои го користеле првиот од трите летниковц, на заминување, не ги собрале стаклените шишиња од испиени вина и пива, пластични чаши и хартии од изедена скара. Меѓу нив имаше оставен и росфрај сад за мраз.
Во банкините покрај штотуку изградените споредни патеки или новоасвалтираниот главен пат беа фрлени празни стаклени пивски шишиња, лименки од безалхохолни и алкохолни пијалоци, заштитни маски, влажни марамици па дури и искористени памперс пелени.
Таму, и дел од железните корпи за отпадоци се украдени. Останати се празни повеќе камени постаменти од кои се извадени корпите а околу нив расфрлени пластични кеси полни со смет.
Помеѓу парцелите со штотуку засадените јапонски цреши и туи, дрвена настрешница на еден летниковец виси над масата за седење додека покрај неа се наоѓаат искршените летви кои претходно ја држеле зацврстена над клупите за седење. Траги на изгорени свеќи има на повеќе дрвени маси во летниковците.
За оваа гледка што ги затекна дел од повозрасните сограѓани, во неделата на 17 мај, годинава во најпосетуваното излетничко место на велешани го прашавме градоначалникот Аце Коцевски : Кои мерки ќе ги превземе општината за да ја заштити урбаната опрема и природата од понатамошен вандализам на хулигани?
-Ме загрижуваат ваквите дејанија на несовесните велешани и велешанки. Тоа не е добро, лошо зборува за нас и за нашата култура, кон тоа што е правено со наши пари, пари на даночни обврзници кои се слеваат во општинскиот буџет . За жал во моментов немаме решение но во иднина за се што ќе биде инвестирано поточно монтирано, поставено и изградено на Езеро Младост сериозно размислуваме за поставување на редарско-чуварска служба за да го заштитиме тоа што е вредно и во исто време да го направиме достапно за што поголем број на посетители и за што подолг временски период, рече Коцевски.
Наспроти ставот на градоначалникот дел од граѓаните кои во неделата ги користеа утринските сончеви зраци коментираа дека на брегот на Езеро Младост итно треба да се постават рампи што ќе го регулираат влезот и излезот на сите автомобили, велосипеди, мопеди и посетители, кои ќе бидат обврзани да платат симболична сума на пари за влез и за користење на летниковците додека редарско чуварска служба е потребно 24 часа да се грижи како за урбаната опрема така и за природата. Во исто време и да ги открива и казнува несовесните однесувања на посетителите./