Ниту еден клуб од Шкотска и Португалија никогаш не го освоил Уефа Купот до тој ден. Иако Селтик во 1967 година го има освоено тогашниот Европски Куп (Лига на Шампиони), победувајќи го милански Интер со 2-1 во финалето.
Финалето, покрај мал милион други сегменти, беше карактеристично и по двобојот на двајца добри, но не толку афирмирани тренери, особено оној на Порто. На едната страна Мартин О’Нил, на другата младиот Жозе Мурињо. На едната страна Витор Баиа, Рикардо Карваљо, Жорге Коста, Деко и Костиња, на друга Хенрик Ларсон, Нил Ленон, Стилиан Петров, Балде и Сатон. Се чини дека составите на Селтик и Порто се едни од најдобрите во нивните клупски истории.
Река од луѓе на улиците од Севиља, навивачите на Порто и Селтик го преплавија градот чиј клуб подоцна ќе стане рекордер по освоени титули во ова натпреварување. Според некои бројки, повеќе од 80.000 навивачи на Селтик тој ден пристигнале во Шпанија, дотогаш нешто незабележано.
Патот до финалето во Севиља беше различен на двете екипи. Порто буквално се „прошета“ и со неверојатна леснотија дојде до шансата да го крене првиот европски трофеј во историјата. Освен 1/4 финалето со грчки Панатинаикос, останатите нокаут мечеви беа поприлично лесен залак за младиот португалски тренер. Полонија Варшава, Австрија Виена, Ленс, турски Денизлиспор, Панатинаикос и Лацио во полуфиналето се попречија на Порто во походот кон европско злато.
На „Драгао“ гостите од Рим отворија добро со погодокот на Клаудио Лопез. Маниче израмни, а Дерлеи со два последователни погодоци го однесе Порто на плус два во однос на противникот и чекор поблиску до Севиља, со оглед на тоа дека резултатот од првата средба на тимот на Роберто Манчини и Жозе Мурињо заврши без голови. Португалскиот напаѓач Хелдер Постига во 56 минута го постави и конечниот резултат. Порто, клубот во сенка на уште еден португалски великан со силно европско педигре, Бенфика, ја дочека својата прилика да излезе од сенката на лутиот ривал, закажувајќи финале со уште едно добропознато европско фудбалско име.
За разлика од оној на Порто, патот на Селтик до финалето беше значително покомплициран. Но, мора да се признае, противниците на Селтик тежеа многу повеќе отколку оние на Порто. Блекбурн, Селта Виго, Штутгарт, Ливерпул и Боависта. Сите средби без исклучок носеа посебно ниво на возбуда. Пресврти, голови, картони и многу драма, којашто Селтик ја префрли и донесе ноќта во Севиља против португалскиот опонент. Впрочем, Селтик е „виновникот“ што не дозволи португалско финале помеѓу Порто и Боависта. Публиката беше сведок на два многу „тврди“ натпревари на „Селтик Парк“ и „Беса“. Во Шкотска 1-1, Хенрик Ларсон го врати во неизвесност двомечот по автоголот на Велгерен. Во Португалија, Боависта до 79 минута имаше резултат што ја водеше до првото историско финале. Џелатот од првата средба, беше кобен за домаќините и овојпат. Хенрик Ларсон со удар со лева нога, од шест-седум метри го совлада голманот на Боависта и му резервираше карта на Мартин О’Нил за сончевата Севиља.
Остриот старт на дефанзивецот на Селтик, Велгерен, ја навести бурата од голови и возбудливи моменти таа ноќ на „Рамон Санчез Пизхуан“. Голема борба, остри стартови, повеќе прекини отколку фудбал, се до крајот на првото полувреме и комбинациите на Деко и Аленичев, кои го продуцираа и првиот гол во финалето со потпис на Бразилецот Дерлеи.
Радоста на екипата на Жозе Мурињо не траеше долго. Две минути по почетокот на второто полувреме, Ларсон по којзнае кој пат таа сезона го врати Селтик во живот. Второто полувреме наликуваше на феноменален пинг-понг меч. Аленичев седум минути подоцна повторно му го врати водството на Порто, а Ларсон инстантно реагираше и израмни на 2-2. Во 80 минута Бобо Балде, централниот дефанзивец на Селтик, заработи жолт картон. Несреќен, бидејќи во продолженијата по регуларните 90 минути, Балде заработи уште еден и го остави својот тим на цедило. Продолженијата од по 15 минути, не беа ни приближно забавни и исполнети со добар фудбал како првиот час и половина. Се чувствуваше заморот кај играчите, особено кај десеткуваниот шампион на Шкотска. Упорноста на Мурињовата екипа во 115 минута конечно се исплати. Селтик не успеа да стигне до пенал-рулетот, бидејќи Дерлеи одбиената топка ја претвори во гол за победа и европска титула. Црвениот картон на крајот од продоженијата на Нуно Валенте скоро и сите да го заборавија.
Прагматичниот и ефективен фудбал на младиот португалски стратег, кој занаетот го „печел“ во Барселона покрај големиот Боби Робсон, карактеристики кои подоцна ќе го одликуваат неговото тренерување, конечно се валоризираа во значаен европски трофеј. Жозе Мурињо му се претстави на фудбалскиот свет, се поклони пред публиката и тргна кон впишување во историјата. Кој ќе помислеше тогаш дека Жозе Мурињо 17 години отпосле ќе биде еден од најдобрите тренери во овој спорт.
Ноќта во Севиља е специјална и заслужува посебно место во колективната фудбалска меморија, не само заради одличниот возбудлив фудбал, туку и заради тоа што финалето изнедри фудбалски и тренерски имиња кои оставија сериозен печат врз играта. Финалето на Мартин О’Нил му донесе можност и шанса да ја води амбициозната Астон Вила, на Хенрик Ларсон му даде шанса да ги залече раните од поразот на Порто, освојувајќи Лига на Шампиони под палката на Алекс Фергусон. Стилиан Петров оствари трансфер во Премиер Лигата, кај неговиот стар познаник. Рикардо Карваљо и Паоло Фереира освоија низа трофеи во најдобрата анлгиска лига заедно со Мурињо. Деко беше дел од шампионската генерација на Барселона и Рајкард која го освои трофејот во Лигата на Шампионите во финалето против Арсенал.
Следната сезона, Мурињо уште еднаш го шокираше светот со победата во финалето на Лигата на Шампионите против Монако.
Порто влезе во историјата, Мурињо стана историја.
https://www.youtube.com/watch?v=GqOkHScuA1M
Фото: gettyimages.com / soccerfootballwhatever.blogspot.com / planetfootball.com
Видео: youtube.com
Давор Јосифоски