Општинскиот кризен штаб на Кочани повторно ќе ја разгледува одлуката за реорганизирање на Градскиот пазар, откако претпладнево дел од продавачите на текстил и други производи за широка потрошувачка излегоа на мирен протест пред зградата на локалната самоуправа.
Причина за протестот, како што истакнаа, е незадоволството од одлуката усвоена на последната седница на штабот, пазарот повторно да биде отворен, но реорганизиран според мерките за заштита и спречување на ширење на коронавирусот. Поради тоа побараа прием кај градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
–Одлуката ја донесе Општинскиот кризен штаб, така што јас не можам сам да ја менувам. Со претставници на продавачите на текстил на Градскиот пазар се договоривме за оваа одлука да дискутираме на следната седница на Кризниот штаб. Таа е закажана за почетокот на идната седмица и на неа ќе можат да присуствуваат и нивни претставници, истакна градоначалникот Илијев по средбата со продавачите.
Денеска пазарот во Кочани функционира со забрана за поставување тезги на улицата „Гоце Делчев”. Службите од Комуналното јавно претпријатие „Водовод” за оваа намена го подготвија просторот спроти Пешачко-трговскиот мост, откај улицата „Борис Трајковски”.
Во организирањето на новиот распоред и спроведувањето на мерките за заштита од КОВИД-19 на Градскиот пазар во Кочани учествуваат општинските комунални инспектори и редари, Територијалната противпожарна единица, а со делење маски за продавачите и за купувачите, поддршка даваат и волонтери од општинската организацијна на Црвен крст.