Китановски од Велес: Санацијата на свлечиштето Цуцка можно е да заврши два месеци пред предвидениот рок – октомври, годинава – ММС
ММС

Објавено на: 05/20/20 3:31 PM

Китановски од Велес: Санацијата на свлечиштето Цуцка можно е да заврши два месеци пред предвидениот рок – октомври, годинава

Ако се задржи досегашната динамика на работа на градилиштето веќе во месец август, годинава, велешани  но и сите останати граѓани, ќе можат безбедно да минат и сообраќаат  по стариот пат за излез од Велес. Санацијата на карпата Цуцка се одвива согласно утврдената динамина. Таму е изграден потпорниот ѕид  за заштита на железничката пруга Скопје – Гевгелија, патот има нов тампониран коловоз и македонските алпинисти ангажирани од изведувачот,хрватската фирмата „Октопуси“  добро го извршуваат рачното кршење и отстранување на оштетените делови од карпестиот масив. Ова го соопшти по денешниот увид со министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и градоначалникот на Велес Аце Коцевски, директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китановски.

-Со завршувањето на овој дел ќе се отпочне со поставување на шипови, на заштитни мрежи и бетонирање со што ќе се запре одронувањето и продорот на вода во самите карпи како најголем штетник.  По тендерска постапка работата треба да заврши во октомври, годинава но по разговорот со изведувачите и ова што го гледаме на терен мислам дека ќе биде завршено во месец август, рече Китановски.

Наредниот месец ЈП за државни патишта ќе го распише тендерот за рехабилитација на патот под Цуцка како дел од проект што почнува кај Велес, поминува низ Градско и завршува во Неготино.

Според министерот за транспорт Горан Сугаревски, државата за прв пат сериозно пристапи на санацијата на ридот „Цуцка“ и решението е целосно а не како досега парцијално.

-Да се градат патишта и истовремено секаде да се реагира, како што впрочем е санацијата на ова свлечиште во Велес  која чини еден милион евра но и секаде низ државата затоа што се работи на голем број на мостови, на свлечишта и за безбедноста на граѓаните, рече Сугаревски.

Добро е што државата го превзема санирањето на „Цуцка“ затоа што општината тоа не ќе можеше да го стори, рече градоначалникот Коцевски.

-Со ова решаваме голем проблем на граѓаните на Велес и во регионот. Ја зголемуваме безбедноста и се разбира здравјето на сите што го користат овој дел од патот, додаде Коцевски.

Ридот „Цуцка“ се распука и предизвика големо свлечиште пред две години на 13 март. Пристапот на државата за целосна и трајна санација често пати беше критикуван од граѓаните  на Велес. Досега, најчесто коментари со содржина за развлекување на работите и за неспособност брзо да се оспособи патот и безбедноста на карпестиот масив се упатуваа на адреса на општината или на градоначалникот.