Знаењето и способноста не се критериуми во Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 02/8/17 11:04 AM

Знаењето и способноста не се критериуми во Македонија

Безперспективноста на високо образованата младина во Македонија , нивните неисполнети очекувања од факултетско високите оценки за добро платена работа, и разочарувањето кое потекнува од моментот на доделување на висока работна позиција на лица со едвај завршен факултет но со партиска книшка , се фактор плус за зголемување на бројот на млади кои заминуваат од Македонија.

Во училиштата од Западна Македонија,  се повторува приказната за превработеност по партиска директива, за отпуштање на партиски неопределени наставници без никакви образложенија и за партиското агитирање и притисоци.

Невладините организации,меѓународни и домашни,во своите извештаи и анализи постојано укажуваат за  партиската обоеност на административниот и наставниот кадар во училиштата, за притисокот, за заканите  и за уцените кои ги доведуваат професорите, учителите и наставниците во недостоинствена позиција.

Со диплома од Македонија на колеџ и на работа во Америка
Според студија на Фонадцијата Фридрих Еберт половина од младите во Македонија сакаат да заминат , а една третина од нив не ни помислува да се врати назад.

Според оваа студија немањето перспектива, политичката неизвесност и партизираноста влијаат демотивирачки на младите кои не веруваат дека по завршување на факултетот ќе најдат работа во Македонија.

Во потрага по усовршено образование, но и да побегне од стегите на наметнатите норми на партизираното општество,тргна и тетовчанката Христина.

Дојдов преку програмите на Ворк енд травел и околностите се составија и јас останав тука каде се дообразувам и студирам ја започнува својата приказна тетовчанката  Х.М.

Таа и покрај тоа што во Македонија завршила Економски факултет сепак поради одличните услови за дообразување во Америка се запишува на локален американски колеџ и успешно го довршува и тоа образование,прилагодувајќи се на различните но сепак подобри услови на образовен процес.

Моментално живеам во Мериленд и таму на локален колеџ студирам Менаџмент во здравство од кој имам уште неколку семестри, продолжува младата тетовчанка која под сплет на околности останала да работи и да се дообразува на еден од локалните колеџи во Мериленд.Веќе три и пол години сум во САД каде дојдов откако го завршив економскиот факултет на Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопјепродолжува таа.

Христина вели дека е воодушевена од професорите кои и предаваат на овој колеџ и дека нивниот пристап кон студентите и начинот на кој таа таму го стекнува знаењето е многу подобар и поедноставен од оној во Македонија.

Се разбира дека и финансискиот дел е важен но сепак моментот на нејзиното дообразување има решавачка улога таа да размисли да остане и понатаму во САД.

Моите родители и пријатели се во Македонија и се разбира дека тоа што овде сум го научила би сакала да го применам таму, но ако би ги споредиле овие две општества сепак САД е развиена земја која нуди поголеми шанси за напредок и градење кариера.

Тука во САД има многу млади Македонци во моментов но секое лето запознаваме многу нови лица кои од Македонија доаѓаат тука вели Христина.

Немањето перспектива – резултат на недостаток на демократија во Македонија

Според Теута Арифи актуелна градоначалничка на Тетово , универзитетски професор и поранешен министер за евроинтеграции , тоа што треба да го направиме и може да го направиме  доколку одлучиме да водиме серизна политика по ова прашање е младите кои добиле искуство да им дадеме можност да размислат дека тука дома имаат перспектива.

Тоа чувство на немањето перспектива е проблем и тоа е проблем на недостаток на демократија во земјата.Доколку нема поотворена и потолерантна атмосфера кон разликите први кои тоа тешко го поднесуваат се младите, кои по принцип се бунтовници и доколку немаат можност да се искажат тие тоа го чувствуваат и тоа е веќе проблем вели Арифи.

Феноменот на миграција или на движење кога веќе имате отворена земја и отворени граници е процес кој не може да се застане .Ние имаме традиција на дијаспора, можностите за студирање и за сезонска работа , разните програми за кои сите ние лобираме за да младите одат на школување надвор се моменти кои им овозможуваат на луѓето да заминат и да не се враќаат назад.

Вториот момент кој недостасува и за кој градоначалничката на Тетово  смета дека е голема грешка институционална, политичка или како и да сакате е недостатокот на меритократија во смисла на најдобрите да им се даде шанса да бидат први при вработување да им се даде до знаење на младите дека нивната оценка со просек 9 или 10 некој ја цени и дека има повеќе вредност од партиската книшка.

Мислам дека овие вредности повеќе од една деценија ние сме ги ставиле под ризик и е многу нормално интересот да е голем да се иде надвор и нормално легитимниот материјален интерес. Но сепак сметам дека во Македонија треба да се направи подобра атмосфера вели Арифи.

Следниот момент е и моментот на инвестиции на конкретни и вистински.Арифи вели дека општина Тетово неколку пати пред овдешните бизнисмени направиле презентации на разните грантови кои ги даваат земјите каде ние имаме дијаспора, една од нив е Швјцарија и Данска.

Станува збор за луѓето кои работеле таму  10 години да можат да се гарантираат со 500 до 600 илјади франци да можат да отворат бизнис тука и на тој начин да се мобилизира повеќе ум.

 Враќањето на  процесите на преговорите со ЕУ ќе ги вратат ли назад оние кои заминале?
Последното и не помалку важно според Теута Арифи се процесите со ЕУ.На некои можеби им изгледа само како папирологија меѓу нас и Брисел но тоа е повеќе од папирологија.Едно враќање на процедурите на преговори со Европската Унија би се отвориле повеќе врати на нашата млада пообразована елита која би се вклучила во разни процеси кои ниту се лесни а ниту кратки, вели таа.

Наша обврска е да работиме максимално да владееме подобро. Не можеме да го промениме фактот за просечната плата во нашата земја но може да се промени мотивот на луѓето да прават нешто повеќе за својата земја.

,,Јас патриотизмот не го сфаќам фолклорно туку на начин како може ние да направиме повеќе за нашите  кои веќе заминале да им дадеме можност да ја одржат силно врската овде барем мисловно да сакаат да се вратат и да инвестираат тука“ додава Арифи.

Новиот збир од мерки и политики содржани во Резолуцијата за миграциска политика за Македонија од 2015 – 2020 год.(усвоена на почетокот на 2015 год.) врз основата на која до 2020 година требаше интерсекторско државно тело да дава насоки за конкретни чекори усогласени со современи европски трендови,  не успеа да спречи секоја година според официјалната државна статистика по 1000 лица да ја напуштаат Македонија.