НА ДЕНЕШЕН ДЕН: „Испишано е во ѕвездите“ – Челзи ја покори фудбалска Европа – ММС
ММС

Објавено на: 05/19/20 2:06 PM

НА ДЕНЕШЕН ДЕН: „Испишано е во ѕвездите“ – Челзи ја покори фудбалска Европа

Вилијам Галас навремено интервенираше, топката од Луис Гарсија не ја помина гол-линијата со целиот свој обем. Ливерпул победува 1-0 на „Енфилд“ и купува карта за финалето во Истанбул. Да, тој Истанбул и таа „Инстанбулска вечер“.

„Голот дух“ на Шпанецот беше доволен за елиминација на Челзи од полуфиналето во Лигата на Шампионите. Некои ќе речат дека Челзи немаше среќа таа вечер, но се чини дека пречесто на сините од Лондон им се случувале „несреќни моменти“ низ годините во најдоброто европско клупско натпреварување, што дури станува и симптоматично да фудбалот како таков зависи во голема мера од нешто кое се нарекува среќа.

Тоа беа години кога англискиот фудбал беше во полн сјај. „Лужники“ во 2008 година е резервиран за двете најквалитетни англиски екипи, а и двете најдобри англиски екипи во 21 век, Манчестер Јунајтед и Челзи. Притисокот кој се создаваше околу Челзи беше скоро неподнослив, бидејќи Челзи е тој што брка титула во Лигата на Шампионите и тоа во градот од каде што доаѓа неговиот соптвеник, Роман Абрамович. Роналдо и Лампард стрелаа за двата тимови и мечот отиде во продолжение кое можеби и го одреди однапред финалниот резултат. Од меѓусебното „кошкање“ помеѓу Видиќ и Дрогба, подебелиот крај го извлече напаѓачот на Челзи кој беше исклучен од игра. Доколку Дрогба останеше за фамозната пенал серија, можеби и Тери немаше да биде изведувачот на Аврам Грант, но…

Ван Дер Сар го процени ударот на Анелка од белата точка и му донесе на екипата на Фергусон нов трофеј во елитното натпреварување. Челзи и овојпат остана со „куси“ ракави и единствено овојпат терминологијата со која се зборува за патешествието на екипата од западен Лондон во ЛШ е соодветна. Да, Челзи немаше навистина среќа. Колкави се шансите во финалето да „истура дожд како од кабел“ и легендарниот капитен да се лизне при изведувањето на решавачкиот пенал?

Челзи освојуваше Премиер Лига, ФА и Карлинг Куп, Челзи една деценија претходно освои Куп на Уефа и Европски Супер Куп, но сепак недостасуваше едно сребро. Лигата на Шампионите стана слаба точка на англискиот клуб.

Следната сезона со Гус Хидинк на чело налетаа на никогаш посилната Барселона со Пеп Гвардиола, во полуфиналето. Досадни 0-0 на „Ноу Камп“, сите очи беа вперени кон реваншот на „Стемфорд Бриџ“. Барселона е фаворит, ама ако некое натпреварување не познава фаворити, историја, позиција на табела и форма, тогаш дефинитивно тоа е Лигата на Шампионите. А на „Мостот“ – драма. И тоа од најлошо режираните. Судирот помеѓу Челзи и Барселона во 2009 година е веројатно најконтроверзниот фудбалски меч во некое европско натпреварување, а мораме да признаеме, конкуренцијата е голема. Есиен постигна гол за 1-0, резултат што го носеше Челзи во финалето. Потоа на сцена настапи норвешкиот, дотогаш релативно малку познат судија, Том Хенинг Овребо. Овребо тој меч го отсуди поприлично скандалозно, гостите од Каталонија имаа огромен ветер во грб од норвешкиот арбитар. Таквата скриена поддршка беше валоризирана во 93 минута кога Иниеста со удар од далечина го совлада Петр Чех, носејќи го својот клуб во финалето.

Три години подоцна, младиот и надежен португалски тренер Андре Вилас-Боас го презеде англискиот тим. Млаките игри и резултати во Премиер Лигата, Челзи во добра мера ги пренесе и во групите на ЛШ. Мајсториите на Дрогба во „решавачкиот“ дуел за влез во нокаут фазата против Валенсија, му донесоа на Боас двомеч против веројатно најдобриот колектив што Наполи некогаш го имал, барем на хартија. А после доминантното издание на Неаполците на „Сан Паоло“ и победата од 3-1, му донесоа на португалскиот стратег и очекуван отказ. Поранешниот играч на лондоначни и асистент на Португалецот, застана на кормилото на Челзи во реваншот против Наполи. Роберто Ди Матео не ни сонуваше дека тој ќе биде „избраниот“. Два гола беа потребни, без притоа да се прими гол, за да се стигне големиот недостаток од првиот дуел. Во регуларниот дел на семафорот стоеше истиот резултат како оној во Неапол. Во продолженијата Бранислав Ивановиќ со одличен удар го совлада Де Сантис и го испрати Челзи  во 1/4 финалето. Таму, Бенфика. Жилавиот тим на Жорге Жезус поприлично го намачи сега веќе фаворитот и му пружи добра борба. Сепак голот на Раул Меирелес беше доволен за окончување на победата на домашен терен и закажување полуфинален натпревар со стариот добар познаник, Барселона.

Недостатокот на среќа што му се препишуваше на Челзи во последните 15 години, не беше вистински недостаток. Среќата беше еуфемизам за надвореши фактори коишто влијаеа врз играта и одредени натпревари и директно го попречија лондонскиот тим во походот кон освојувањето на Лигата на Шампионите.

Барселона во првите 90 минути тотално го надигра Челзи, иако надигрувањето најчесто треба да биде отсликано врз финалниот резултат. Челзи остана без капитенот Тери и заостануваше два гола позади фуриозната Барселона. Феноменалната топка на Лампард при контрата на сините кон Рамирес и неговата мајсторска лоб-завршница му донесоа пожелен резултат на тимот од Лондон кој пред реваншот пристигна во Шпанија со гол предност. Барселона напаѓаше, Челзи некако оддолеваше на нападите се додека Дрогба не го сруши фудбалерот на Каталонците во шеснаесетникот и му подари пенал на, ни повеќе ни помалку, Лео Меси. Аргентинецот ја погоди само пречката и го одржи во живот амбициите на Ди Матео. Нападот на Барслелона во последни моменти од полуфиналето беше осуетен од англискиот бек Ешли Кол. Неговото исфрлувње на топката го втурна Фернандо Торес во мис-меч ситуација со голманот Виктор Валдес. Торес го издрибла шпанскиот репрезенттивен голман и го однесе Челзи во второто финале во негова клупска историја. Ваков расплет не можеше да очекува никој. Ниту најоптимистичните фанови на англискиот клуб, земајќи ја предвид претходната историја, сезонската форма и пресилната конкуренција. Само, нели, ако за некое натпреварување не важеа овие непишани правила и закони…

Минхенски Баерн играше фантастична кампања во Европа. Мотивирани и носени од фактот што финалето во 2012 се играше токму во Минхен на „Алијанц Арена“, екипата на Јуп Хејнкес го играше најдопадливиот и најефективниот фудбал таа година.

Текот на натпреварот во Минхен беше скоро идентичен како оној во Барселона. Баерн напаѓаше, десеткуваниот Челзи со Рајан Бертранд во првиот тим и без Џон Тери, организирано се бранеше. Дури и истите актери од полуфиналето се најдоа во прв план и во финалниот меч. Дрогба повторно направи пенал и Дрогба повторно имаше среќа, бидеќи поранешниот играч на Челзи, Арјен Робен, не успеа да го реализира ударот од белата точка. Чех одлично го процени шутот и топката ја фати „жива“. И покрај тоа, Баерн успеа да го скрши отпорот и во 83 минута ударот со глава на Томас Милер му го донесе посакуваното водство на Германците. Во еден од ретките излети на Челзи на половината на Баерн Минхен, Фернандо Торес се избори за удар од аголот. Хуан Мата нафрли во шеснаесетникот, а таму – Дрогба. Ослободен од чуварот Боатенг, со хируршки прецизен удар со глава го изедначи резултатот и уште еднаш ја покажа својата фудбалска големина. После 90 минути, резултатот е нерешен. Нерешен остана и по двете продолженија од 15 минути. Пенал рулетот, до тој момент кобен за екипата на Челзи, требаше да го изнедри шампионот на Европа.

Првиот удар од белата точка во серијата заврши без реализација, откако Мануел Нојер го одбрани ударот на Мата. Нојер подоцна заедно со Марио Гомез беше сигурен пеналџија за Баерн. Промашените пенали на Ивица Олиќ и Бастиан Швајнштајгер, а погодените на Луиз, Ешли Кол и Лампард, ја подготвија сцената за завршниот удар. Одговорноста ја презеде оној кој во 2008 го остави тимот на „цедило“ и кој на Барселона и Баерн им подари два пенали претходно. Оној кој можеби највеќе го сакаше „сребрениот ушко“.  Нојер на едната, Дрогба на другата страна. Топката е во мрежата, Челзи е шампион на Европа. „Испишано е во ѕвездите“, Челзи оваа сезона мораше да го освои овој пехар. Стремежот и желбата на навивачите на Челзи и самите фудбалери конечно се исполнија.

Фудбалските Богови го надокнадија загубеното од минатото. Челзи ја покори фудбалска Европа наспроти сите очекувања. Луис Гарсија, Тери, Овребо, застанаа во еден судбоносен удар од 11 метри. Иако таа сезона честопати е окарактеризирана од фудбалската игнорантна јавност како „лотарија“ и етикетата „среќно“ беше излепена ламентирајќи на тема „Лига на Шампиони“, редно е уште еднаш да се потсетиме дека тој состав на Челзи беше неверојатен и во него играа врвни фудбалери кои заслужија во своите кариери да го допишат и највредното признание. Лампард, Тери, Ешли Кол, Дрогба, Чех, Хуан Мата, Торес, со златни букви ќе бидат испишано во историјата на Челзи и историјата на ова натпреварување. Подвигот на Челзи е подвиг за во фудбалските учебници. Пожртвуваноста, желбата, борбата и издржливоста, карактеристики се на големи спортски колективи. Челзи заслужи да се најде во друштво на великаните Реал Мадрид, Барселона, Милан, Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Ајакс.

А да. Челзи на овој ист ден во 2007 го освои ФА Купот против Манчестер Јунајтед, а во 2018 против истиот противник го освои истиот трофеј. Арно ама, кому му е гајле за тоа, нели?

 

 

Фото: givemesport.com / goal.com / nytimes.com

Видео: youtube.com

Давор Јосифоски