Матичните лекари бараат и тие да не бидат заборавени од Владата – ММС
ММС

Објавено на: 05/18/20 7:20 PM

Матичните лекари бараат и тие да не бидат заборавени од Владата

Матичните лекари ја поздравуваат одлуката на владата за наградување на здравствените работници од јавното здравство, кои беа на првата борбена линија во справувањето со коронавирусот, но во исто време приватните лекари преку Здружението бараат исплата на капитациите за месеците март и април, годинава. Освен Итната медицинска помош, Инфективните одделенија и клиниката, исто така, и матичните доктори прегледуваа, препишуваа и печатеа рецепти, отвораа боледувања и обезбедуваа ортопедски помагала додека колегите  од Дебар го изработија целокупниот скрининг па затоа бараме да се смени ритамот на плаќање кон приватното здравство, вели претседателката др Лилија Чолакова Дервишова.

– Да се изедначиме со колегите од јавно здравство. Приватниот сектор во изминатите 28 години е плаќан наназад со задоцнување од 67 дена. Значи бараме промена во ритамот на исплата поточно заостанатите капитации. Кога започнувавме, во 1992 година задоцнувањето беше од пет месеци. Досега никој не проба да го смени овој момент што навистина не е во ред да има разлики помеѓу приватно и јавно здравствобидејќи пред Уставот приватното и јавното здравство се еднакви, рече д-р Чолакова Дервишова.

Од Здружението на приватни лекатри нагласија дека освен матичните лекари чии капитации доцнат 67 дена сите останати институции на јавното здравство добиваат редовни месечни исплати.

-Ние разбираме дека ситуацијата е многу тешка и не бараме награди. Моментот за наградување кој владата го размислува е добар но сметаме дека не треба да бидеме заборавени во целокупната приказна. Не дозволивме да има затворени болници, правевме алгоритми и го следевме алгоритамот на Мој термин , во саботи и недели ги проверуваме пациентите кои се позитивни на корона и сметам дека владата не смее да не заборави. Апелот на владата беше „Јавете се кај вашиот матичен доктор“ но не слушнавме некој едно благодарам да рече, додаде д-р Чолакова Дервишова.

Во државата, во примарното здравство има 1567 матични лекари а во секундарното 124 лекари специјалисти.Се до 2010 година нивните капитации стигнувале со задоцнување од пет месеци за оттогаш до денеска доцнењето да биде по два месеци.