-Во попладневните часови на 17 мај 2020 година (недела) извршено е тестирање за КОВИД-19 на едно лице од тимот на обезбедувањето на претседателот Стево Пендаровски, вработен во Министерството за внатрешни работи, при што е утврден позитивен резултат. Членот на обезбедувањето на претседателот е дел од поширокиот тим на обезбедување, што значи дека немал директна комуникација со претседателот. Минатата седмица користел годишен одмор, а последен пат бил на работното место на 11 мај 2020 година (понеделник), информираат од Кабинетот на претседателот.
По спроведената епидемиолошка анкета, како што е наведено во соопштението, утврдено е дека е потребно да се тестираат дополнително 11 лица кои биле во контакт со лицето кое е позитивно.
-Сите 11 лица беа тестирани и се негативни на КОВИД-19, но и покрај тоа остануваат во самоизолација до 25 мај, до истекот на инкубација од 14 дена, информираат од Кабинетот на претседателот.
Оттаму посочуват дека по извршената епидемиолошка анализа, претседателот Пендаровски и членовите на неговото семејство се оценети како контакти од втора линија, за кои според епидемиолошкиот протокол не се препорачува изолација. Претседателот продолжува со извршување на редовните работни обврски.
-Кабинетот на претседателот продолжува непречено да функционира, согласно препораките за заштита од КОВИД-19. Во изминатите два месеца вработените работат по различен распоред. Поголемиот дел од активностите се одржуваат на отворено. На средбите и настаните се одржува препорачаното физичко дистанцирање, се користи заштитна опрема како маски и ракавици, средства за дезинфекција, а редовно се чистат и дезинфицират просториите во „Вила Водно”, се наведува во соопштението.